Генетски модифицирана Златна Бубамара - 17
- Детали
- вторник, 17 декември 2013
Најпопуларната и најочекувана манифестација од нашата ПОРАНЕШНА и СЕГАШНА ЗЕМЈА, ЗЛАТНА БУБАМАРА НА ПОПУЛАРНОСТА го најавува 17. издание со еколошки монетарен слоган: ОД ПАРИ СЕ ЖИВЕЕ - НЕ ОД ВОЗДУХ!
Во третата недела на февруари, традиционално по 17. пат ќе се оддржи спектакуларното доделување во кое организаторот ги обврзува сите посетители и учесници да бидат во текот со времето (современи), да користат голема АВТОЦЕНЗУРА и на настанот да дојдат без своите АВТОМОБИЛИ.
Чистиот воздух и мирната душа се потреба во секое хумано опшество и додека го чекаме тој убав ден, бараме да молчите, да слушате радио и да дишете по дома.
Од штабот на популарното радио „Бубамара“ најавуваат дека овој голем медиумски празничен ден, повторно ќе биде во знакот на непредвидлива сатира, пристоен хумор, добра музика и аплаузи за сите добитници меѓу кои и најголемите македонски и балкански звезди.
Ранко Петровиќ автор и режисер на „ЗЛАТНА БУБАМАРА“:
„Златна бубамара“ секогаш во свој препознатлив стил ја прераскажува изминатата година, ја дијагностицира и лекува нашата реалност и опшествена стварност. Во измнинатите години создававме тематски различни идеолошки бубамари: затворска, транзициска, европејска, романтична, барокна, малерозна, социјалистичка.
За оваа година нашата програма повторно ќе биде вкусно природно овошје создадено од овоштарникот на нашите најпопуларни личности и уметници кои создаваат богатство на нашата душа.
Билетите ќе се продаваат од 12. јануари преку мрежата на mktikets.