Андријана Јаневска со тага во гласот пее „Ако утре ме нема“: Емоции во Битола на концертот за Тоше и жртвите од Кочани
- Детали
- понеделник, 07 април 2025
Концертот во Битола беше вистинска ризница на емоции - малку солзи и тага, но и насмевки додека од сцената во Битола одекнуваа најубавите песни од Тоше и ДНК.
Викендов во Битола (05.04) се одржа концертот „Засекогаш во срцата“, во организација на Камерниот оркестар на Битола под водство на диригентот Владимир Димовски и Центар за култура, Битола.
Концертот првично беше посветен на Тоше Проески, со идеја македонски пејачи да ги испеат неговите песни придружувани од камерниот оркестар.
Но, по трагедијата што се случи во Кочани на 16 март, а во која животот го загубија 60 лица, концертот доби нов тек.
„Во знак на солидарност и сочувство, покрај безвременските песни на Тоше, концертот ќе вклучи и изведби на песни од ДНК.
Покрај тоа, музичарите од Камерен оркестар на Битола и Центарот за култура Битола одлучија дел од средствата наменети за нив да ги донираат за помош на Кочани“, пишуваше во најавата.
А самиот концерт беше вистинска ризница на емоции - малку солзи и тага, но и многу насмевки додека од сцената одекнуваа најубавите песни од Тоше и ДНК.
Особено внимание привлече изведбата на песната „Ако утре ме нема“, која со многу тага и болка во гласот ја испеа Андријана Јаневска.
Подеднакво емотивна изведба имаа и Димитар Андоновски и Бојан Стојков.
Тие во дует ја испеаја „Животе брате“.
На реномираните пејачи, меѓу кои беа и Наде Талеска и Ана Петаноска, пред крајот на концертот им се приклучија и дечињата од Заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух, говор, глас и други попречености, и дечињата од „Порака“.
Тие заедно ја испеаја песната од Тоше „За овој свет“, која тој ја испеа како амбасадор на УНИЦЕФ, а чија мисија беше поврзана со децата од целиот регион.
Кликнете на трите видеа за да ги погледнете:
А. Ј. | Црнобелo