Го гледав балетот „Есмералда“ во МОБ и се разочарав од публиката- Зошто немаме култура за култура?
- Детали
- понеделник, 10 февруари 2025
„До мене седеше госпоѓа од 60-тина години и скоро цело време зборуваше - на почетокот тоа беше шепот, но со текот на времето се претвори во разговор со полн глас, и прашањето: „А, Кате кој ти ја чува, најде некој?“ - ова е само дел од безобразието на публиката кај нас.
Не сум љубител на балет, искрено, повеќе сакам опера... Но, кога пријател ме покани да одиме да ја гледаме балетската претстава „Есмералда“, реков да.
И мислам дека би одела да го гледам истиот балет уште стопати - јас досега нешто повоодушевувачко не сум видела на сцената на Македонската опера и балет.
Пред претставата, која се изведуваше на 7 февруари, немав никакви очекувања.
Единствено знаев дека „Есмералда“ е инспирирана од ремек-делото на Виктор Иго „Ѕвонарот на богородичната црква“.
Но, уште со првите ноти на музиката и сценографијата која навистина потсетува на Нотр Дам во Париз, бев маѓепсана.
Не можев да го тргнам погледот од сцената, на која се случуваше вистинска магија.
Не се сеќавам дека сум видела толку добра сценографија на некоја театарска или оперска претстава, толку добри маски или шминка како онаа на Квазимодо или свештеникот...
Но, како што одминуваа сцените и балетот доживуваше кулминација, така кулминираше и мојата нервоза - поради некултурата на публиката.
И криво ми е што одличната балетска претстава падна во сенка на луѓето кои делуваа како воопшто да не сакаа да се таму.
Од каде да почнам?
Мислам дека на прво место според некултура беше госпоѓата од 60-тина години која седеше преку едно седиште од мене.
Жената скоро цело време зборуваше. На почетокот тоа беше шепот, но доволно гласен за да ја слушнам како прашува кое е името на балетот.
Шепотот со текот на времето се претвори во разговор со полн глас, и прашањето: „А, Кате кој ти ја чува, најде некој да дојде кај тебе?“.
Одговорот, не го дознав, но отстрана се слушна едно гласно „ШШШШШШ“.