Запознајте се подобро со бендовите: Disease, RIB & Fiction
Броиме ситно до почетокот на единствената фестивалска авантура во Македонија – Д Фестивал. Како и секоја година и оваа, програмата на фестивалот е богата со странски и домашни артисти.
Покрај големиот број на музички ѕвезди како Noisia, Ofenbach, Mahmut Orhan, Hindi Zahra, Tom Novy, Akua Naru, Napalm Death, Кирил Џајковски, Влатко Стефановски, Суперхикс, Страјк, Vojko V, ќе имаме можност да слушнеме уште еден куп квалитетни бендови од домашната музичка сцена.
Во продолжение следува листа на бендови кои треба да ги слушнете Д-Фиеста, ако до сега не сте го сториле тоа:
Disease е d-beat raw punk трио од Скопје, формирано во 2012 година. Зад себе имаат над 15 изданија на винил, касета и ЦД формат.
Дел од нив се самостојни, а дел сплит изданија со бендови од Шведска, Бразил, Германија, Грција. Бендот досега има остварено четири европски турнеи, а последната турнеја, насловена како „Distort Fucking World“ траела три месеци со над 70 настапи во повеќе од 25 земји.
Триото RIB суверено владее со post punk/new wave просторот и е составено од Јане Трајковски (гитара), Ивица Димитријевиќ (гитара и бас) и Џано Куч (тапани).
Бендот кој веќе си го најде сопственото место на музичката сцена неодамна го објавија својот трет, истоимен албум во соработка со британскиот продуцент Бен „Фаз“ Фарестведт, кој беше одлично пречекан и од публиката, и од критичарите.
Српскиот магазин Before After ги смести на листа на 10 најдобри албуми за јануари и ги класифицираше како музички скапоцени камења со кои ја опсипува македонската музичка сцена. RIB зад себе ги имаат и албумите „Something Completely Different“ (2015) и „Bliss“ (2017).
Бендот Fiction своите почетоци ги бележи во јуни 2016 година, а во средина на 2017 година започнуваат со создавање на авторска музика.
Бендот е составен од Петар Ѓуревски (вокал), Виктор Захариев (гитара, придружен вокал) и Филип Андонов (гитара, придружен вокал), а во меѓувреме им се приклучува и Теодор Теодосиевски (тапани).
Иако жанровски се класифицираат како рок бенд, сепак имаат влијание од повеќе музички правци: хард рок, гранџ, џез и блуз, хип-хоп и електронска музика. Во 2018 година го освојуваат првото место на „Лузер Фест“.
Досега имаат издадено 2 песни, „После дождот“ (2017) и „Некој друг“ (2018), а во меѓувреме го снимаат нивниот прв студиски албум, кој наскоро ќе излезе во издание на „Пасворд Продукција“.
Автор: Е. Х. | Црнобело