Како звучи најстарата снимена мелодија во човечката историја?
Најстариот целосен (или речиси целосен) нотен запис потекнува од 1400 година п.н.е. Всушност, станува збор за група напишани ноти за композиција наречена „Хуријски химни“.
Овие белешки биле пронајдени во 1950 година во областа на поранешниот антички град, Угарит, во денешна Сирија. Нотите се запишани на глинени плочки на еден вид на сумерско писмо.
Јазикот на плочките се нарекува хуријски јазик. Токму од името на јазикот на плочките ова археолошко откритие го добива своето име.
Хуријските химни содржат околу 36 музички композиции, но речиси сите од нив се сочувани во мали фрагменти, па е невозможно да се репродуцираат целосно. Но постои еден исклучок.
Најкомплетната глинена плочка со оваа древна религиозна музика се нарекува Хуријска химна број 6. За разлика од повеќето други химни, оваа мелодија може целосно да се реконструира.
Иако на некои од фрагментите може да се пронајде авоторот на химната, Химната број 6 останува анонимна.
На плочките на кои е запишана Хуријската химна број 6 се наоѓа и текст, односно инструкција за хорското пеење, заедно со упатства за местење на инструментите. Инструментот споменат во оваа изведба се нарекува „sammum“, а се претпоставува дека овој инструмент личел на денешната харфа.
Текстовите, предвидени за пеење на оваа древна мелодија, се посветени на семитската божица Никал.
Мелодијата на оваа композиција содржи истакната источна нота, а се работи за смирувачка и контемплативна музика која, речиси, поттикнува еден вид на транс.
Како звучи најстарата позната снимена мелодија во човечката историја?
Ашера | Црнобело