Квалитетната музика (ќе) се слуша засекогаш – 7 години од смртта на Ејми Вајнхаус
Се навршија точно 7 години откако Ејми Вајнхаус го напушти овој свет на 23 јули, 2011 година.
Англиската пејачка и текстописец, позната по својот еклектичен микс на повеќе музички жанрови како соул, џез и R’n’B буквално ја заживеа британската музичка сцена во моментот кога тоа ѝ беше најпотребно.
Деби-албумот од 2003 година со наслов „Frank“ беше дочекан со позитивни критики, но она што ја лансираше Ејми во орбитата на славните ѕвезди е секако вториот албум „Back to Black“ од 2006 година.
Тој ѝ донесе 6 номинации на Греми наградите и дури 5 победи. Ејми постави рекорд со најмногу победи на женски изведувач во само една ноќ, и со тоа стана првата британска пејачка која добила 5 Греми награди, од кои 3 припаѓаат на т.н. „голема четворка“ на главни награди: најдобар нов изведувач, песна на годината и албум на годината.
Во 2007 година хитот „Rehab“ беше прогласен за најдобра современа песна, а од 2000 година наваму, најдобриот албум на Вајнхаус се најде на листата со првите три најпродавани албуми.
Вајнхаус внесе нов бран на музика, нова свежина која сè уште никој не ја повтори по нејзината смрт.
Нејзиниот исклучителен вокал, нејзината надворешна појава, сè она што претставуваше таа на сцената како музичар беше магија.
Настрана од сите проблеми на приватен план и нејзината борба со штетните супстанции, Ејми Вајнхаус останува еден од најдобрите и најуникатните музичари на 21 век.
Да се потсетиме на нејзините најдобри песни: