Трогателна приказна од Македонија: Бебе, со здравствен проблем, било оставено од родителите - жена од Крушево го израснала
- Детали
- понеделник, 07 октомври 2024
Оваа приказна ќе ве трогне, наежи, згрози, восхити - буквално во вас ќе поттикне лавина од емоции. Но, среќни сме што постојат луѓе како Олга (името е измислено поради заштита на идентитетот) во Македонија!
Ќе прочитате една драматична и трогателна вистинска животна приказна за момче од Македонија кое целиот живот го поминува во бескрајна борба.
Борбата произлегува од товарот кој му е ставен на грб, уште со самото негово раѓање, кога неговите биолошки родители ќе го остават во болницата после неговото раѓање.
Приказната со нас ја сподели Катерина Алексова Наумова од Свети Николе и ова е приказна која дефинитивно нè трогна.
Животот уште од првата минута не го гали, се раѓа со дијагноза spina bifida, а неговото главче е поголемо во сооднос со неговото бебешко тело.
Спина бифида е состојба која влијае на 'рбетот. Обично е видливо при раѓање. Тоа е еден вид дефект на невралната туба. Спина бифида може да се случи насекаде по должината на 'рбетот, ако невралната туба не се формира правилно или не се затвори до крај. Кога невралната туба не се затвора до крај, 'рбетот што го штити 'рбетниот мозок не се формира и затвора. Ова често резултира со оштетување на 'рбетниот мозок и нервите.
Биолошките родители не се спремни за да се борат со него и го оставаат на милост и немилост на лекарите. Некои од нив со грижа на совест успеваат барем некоја помош да му дадат, со тоа што ќе го оперираат и ќе му вметнат пумпа во главчето за да ја исфрли водата од главчето.
Но, тоа не е неговата единствена аномалија, оштетени му се нервите за моторички способности, а подоцна ќе се дознае дека ниту може да зборува, ниту да оди.
По операцијата на главата ќе биде однесен во домот за доенчиња во Битола каде ќе престојува три години.
По три години ќе биде згрижен од жена од Крушево, која не се знае од кои причини не може да му ги пружи сите здравствени услуги.
По нејзината смрт ќе влезе во прегратките на Олга која до ден денес се грижи за него.
Олга е сопруга, која го губи сопругот од тешката болест цироза, мајка на две прекрасни ќерки, кои момчето Боки го сметаат за свој роден брат. Жена со големо срце која во моментот кога го згрижува јунакот на приказната, веќе има згрижено две девојчиња кои биле злоставувани од родениот татко.
Боки за неа станува центар на светот.
Нивното патешествие започнува со многу битки - операција на главата за да проговори и да му се исполни желбата да оди на училиште. Па, следува операција на нозете и рехбилитација за да може да се движи со помагала.
Но, најголемата битка ја имаат со функцијата на бубрезите.
Боки е олицетворение на сета болка и неправда која животот може да му ги даде на едно дете.
Неговото име е синоним за светлина и повторно раѓање. Затоа тој постојано ќе ја следи светлината и од секоја битка во која влегува ќе излезе како победник заради силната волја, издржливоста и бескрајната љубов на Олга, која силно го зеде во нејзината прегратка и не го пушти.
Со неа проживеа многу лоши и многу добри работи.
Нејзината мајчинска љубов кулминираше, кога неговите биолошки родители не сакаа да му помогнат, со тоа што му го даде својот бубрег само за да може синоокото момче да продолжи да живее.