Јове од Битола ја запроси саканата во аквариум во Анталија: „Taa ме ‘намириса’ дека спремам нешто“
- Детали
- петок, 09 август 2024
„Изборот да ја запросам во аквариумот беше сосема ненадеен, кога влеговме беше толку прекрасно и си реков: ‘Ајде Јоцо, ова е моментот’“ – раскажува за CRNOBELO.com Јове Ѓоргиевски, кој пред неколку дена клекна на колено во Анталија и ја запроси саканата.
Јове Ѓоргиевски (33) и Евгенија Нашоковска (24) од Битола, ова лето заминале на одмор во Анталија, Турција, а оттаму ги изненадија најблиските со убава вест.
Јове за читателите на CRNOBELO.com сподели повеќе фотографии од одморот, но и од запросувањето, а раскажа како со нетрпение го барал вистинскиот момент за да клекне на колено и да ја побара девојката за сопруга.
Тој ни раскажа дека со Евгенија сосема случајно ја започнале врската пред 5 години и ниту двајцата тогаш не се надевале дека ќе дојдат до мигот кога ќе започнат ново поглавје во нивните животи и ќе се решат за брак.
Тој вели дека неколкупати имале некој разговор, но воопшто не бил сериозен за брак.
„Анталија ја избрав сосема случајно, а ако не беше Анталија ќе беше некое друго место 100 отсто.
А изборот да ја запросам во аквариумот беше сосема ненадеен, кога влеговме беше толку прекрасно и си реков: ‘Ајде Јоцо, ова е моментот’, кога бевме во подводните тунели каде што на сите страни имаше ајкули, раjи итн.
На прашањето дали за време на патувањето Евгенија претпоставувала дека Јове ќе ја запроси, и како реагирала кога го видела прстенот, тој вели:
„Нормално дека беше возбудена. Секоја девојка реагира малку панично во такви ситуации, но мојата девојка, сега свршеница, е толку „откачена“ што ја намириса малку работата и беше во исчекување само не беше сигурна кога... Иии... Тука падна машката гордост која мора некогаш да се случи и да клекнеш на колена“ – се шегува тој.
Инаку, нашиот соговорник не крие дека веќе долго време го чекал овој миг и размислувал за брак со свршеницата, а заради тоа и подолго се подготвувал за него.
„Па... Ајде вака, ова требаше да се случи уште пред нецели две години но, некогаш не зависи сѐ од нас.
Имав тежок фамилијарен проблем, по кој за неколку секунди ни се промени животот на многу членови од фамилијата, а не само моите планови...
Но, еве изразувам преголема благодарност до целата јавност и поткрепа, затоа што сѐ помина како што треба и ми требаше малку време да се вратам во нормала.
Инаку прстенот се бираше и правеше по моја желба и дизајн во златарата „Филигран 1934“ и сето тоа со помош на мојoт другар Александар и под голема тајност за да не дознае никој друг (освен што ја надушка до некаде работата мојата Гена).
Прстенот строго беше криен по фиоки, а во меѓу време правев фотки без таа да знае. Тоа траеше додека се спремавме за на одмор и до самото тргнување.
Додека патувавме и во хотелот го криев во куфери, чантички, сѐ до моментот во аквариумот“ – раскажува Јове.
Јове ни сподели повеќе фотки од одморот и од миговите кога кришум го сликал прстенот.