Се слави Архангел Гаврил – Ангелот што го најави христовото доаѓање
- Детали
- понеделник, 08 април 2024
Архангел Михаил ги крши непријателите на Божјата вера, а Архангел Гаврил ги најавува убавите вести. Според христијанските верувања, ова е ден наменет за нови почетоци и се слави.
Православните христијани денес (08.04) го слават празникот Собор на Свети Архангел Гаврил.
Иако овој празник не е одбележан со црвени или црни букви во православниот календар, сепак станува збор за ден што се слави меѓу народот, во чест на најавувањето на христовото доаѓање од страна на Архангелот.
Се верува дека светиот Архангел Гаврил бил испратен за да најави кој и каков ќе биде Оној што ќе се роди од пречистата Дева.
Се верува и дека Гаврил им го најавил на Јоаким и Ана раѓањето на Дева Марија, а го поучувал и Мојсеј како да ја напише книгата Битие.
Според верувањата, Гаврил е еден од седумте серафими најблиски до Бога. Секој од архангелите има посебна служба, а сите тие се рамночесни.
Според христијанската вера, Архангел Михаил (кој се слави во ноември, па затоа е познат и како зимски Свети Арангел) е серафимот чијашто служба е да ги крши непријателите на Божјата вера, а службата на Гаврил е благовестење за човековото спасение.
За овој празник во минатото биле врзани голем број верувања. Иако празникот не е одбележан со црвени букви, жените се воздржувале од шиење и плетење, или други рачни работи, а се верувало дека ова е идеален ден за започнување нови работи и за промени.
На светиот Архангел Гаврил треба да му се молат жените што посакуваат потомство, затоа што се верува дека тој носи убави и светли вести.
Б. С. Б. | Црнобело