Љубовната приказна на Зафир Хаџиманов и Сенка Велетанлиќ – Заради неа се откажал од договорен брак
- Детали
- недела, 12 мај 2024
Родителите му договориле на Зафир брак со млада девојка, но неговата љубов кон Сенка сепак победила. Тие биле заедно повеќе од 50 години, а во своите изјави музичарот секогаш ја величаше својата сакана.
Зафир Хаџиманов, е еден од најзначајните уметници од поранешна Југославија.
Роден е во Кавадарци на 25 декември, 1943 година.
Зад себе остави над 5.000 записи од македонски изворни песни.
Речиси целиот животен век го поминал во Белград, во брак со една од најпознатите југословенски пејачки Сенка Велетанлиќ - Хаџиманов.
Плод на нивната љубов е нивниот син, кој е познат џез - музичар, Васил Хаџиманов.
Љубовта меѓу Зафир и Сенка отсекогаш била интригантна за јавноста.
Заедно создавале и настапувале.
Нивната љубов започнала во Тбилиси, Грузија.
Таму се бакнале за првпат, по нејзиниот развод со пејачот Тихомир Петровиќ.
фото: Инстаграм
Тихомир и Зафир останале пријатели до крајот на животот и често знаеле да излезат некаде заедно.
Родителите на Зафир сметале дека тој е многу популарен кај женскиот род и токму затоа треба да се ожени со некоја помлада девојка, па дури и му договориле брак со некоја млада, идна пејачка.
Но, Зафир се одлучил за Сенка.
Раѓањето на синот Васил е еден од најсреќните моменти кои парот ги доживеал.
„Служев војска кога Сенка се пораѓаше во Панчево. Немав дозвола за возење, но седнав во автомобил и стигнав во Панчево.
Прво го видов Васил. Ме погледна, поцица и заспа.
А, јас бев среќен како чопор кученца. Сенка беше убава како нацртана, бидејќи се породи со царски рез. Насмеана, среќна. Толку среќна ја видов само тогаш и втор пат кога ја видовме фотографијата од ултразвук од нашата внука Марта“, изјавил Зафир за Kurir.rs.
Музиката во ова семејство се пренесува со генерации.
Таткото на Зафир, Василије, бил етномузиколог, Сенка и нејзината сестра Бисера Велетанлиќ биле големи пејачки ѕвезди, синот на Сенка и Зафир, Васил е еден од најдобрите и најбараните џез - музичари на Балканот.
Марта, внуката на Зафир и Сенка е оперска пејачка која живее и работи во Германија.
До крајот на неговиот живот, тој и Сенка живееле во својот стан во Белград.
„Јас како вистинска машка будала купував автомобили, а Сенка како вистинска паметна жена купуваше станови.
Јас автомобилите ги кршев по улици, а Сенка ги разубавуваше и зголемуваше становите.
Сепак, морам да кажам дека станот кој го имаме сега е благодарение на мојата семејна бегова куќа во Скопје, која ја продадов и со парите го купив станов“, раскажал Зафир.
Познатиот актер, пејач и композитор починал на 27 март 2021 година, на 77-годишна возраст, како последица на инфекција презивикана од вирусот Ковид 19.
С. Ш. | Црнобело / фото: Фејсбук