Ги испеаја најубавите песни: Како изгледаа нашите поп-диви во младоста?
- Детали
- недела, 26 ноември 2023
„Бато“, „Бакни ме“, „Многу солзи исплакав“, „Ангели ме носат“, „Свирете ја зајди, зајди“ се евергрините испеани од најголемите македонски поп-диви. Се сеќавате ли на почетоците на нивните кариери?
Секоја од овие дами со безвременски глас остави траен белег во македонската поп-музика со песни кои вечно ќе се пеат.
Како изгледале за време на нивните почетоци?
Сашка Петковска
За жал, веќе 4 децении Сашка повеќе не е меѓу нас, но таа живее преку нејзините песни.
Постарите генерации ја паметат како девојката со најубавиот глас на сите времиња која е секогаш насмеана.
Најголем успех постигнала со композициите „Бакни ме“, „Грижа“, „Чао, адио“...
Освојувала награди каде и да се појавела и била една од најуспешните пејачки во Југославија.
Освен со својот глас, Сашка пленела и со својот изглед и убавина.
На 31 август 1983 година, кога имала 32 години, загинала во сообраќајна несреќа патувајќи кон Свети Николе за концерт.
Зад себе ги оставила сопругот Марио Липша и двете ќерки Сандра и Леа.
Калиопи Букле
Кралицата на македонската поп-музика својата кариера ја започнува уште многу мала.
Во 1976 година победува на едно од првите изданија на фестивалот за детски песнички „Златно славејче“, со песната „Мојата учителка“.
Својата посериозна музичка кариера ја започна во бендот Калиопи, заедно со нејзиниот поранешен сопруг, авторот Ромео Грил.
Нејзината песна „Лео“ веднаш стана хит во Југославија, па после него почнуваат да се нижат безвременските „Бато“, „Кофер љубави“, „Остани у мени“...
Од почетоците на нејзината соло кариера се издвојува целиот албум „Обои ме“ кој високо котираше на сите топ листи и на кој сите песни станаа хитови.