Ирина Дишовска за мајчинството: „Се породив лесно во Државна болница, го искачив Водно 2 дена претходно, не ми се појавија стрии“
Таа сподели и своја објава на Фејсбук во која детално раскажа за своето искуство на Државната клиника.
„Имав неверојатно породување и постпородилен третман од сите.
Додека бев бремена, на сите што кажав дека ќе раѓам на ГАК реакциите им беа негодувачки. Интуицијата ми кажуваше дека ќе помине сè во најдобар ред.
Уште додека одев на редовни прегледи (кај кој било доктор што ќе се погодеше на смена, без фаќање „врски“) пристапот на вработените беше сериозно професионален, без ниту една забелешка.
Кога дојде денот, бев примена со минимални болки, а третирана како кралица. Не постоеше сестра или докторка која ме одминуваше без да праша „Како си мајка?“, „Сакаш ли нешто за обезболување?“, „Сакаш ли водичка? Тоа смееш да пиеш не си јадена ништо, а ќе ти треба сила за да родиш…“
На одделението кај родилките, немам зборови колку трчаат и работаат сите вработени во прилог на удобност на родилките.
Не можам да ви опишам колку пати на ден влегуваа во соба и ме прашуваа мене и цимерката дали сме добри, дали сакаме да јадеме, дали има некој да ни донесе храна од надвор, да го пречекаат на врата и да ни ја донесат кесата во соба.
Чаршафите под нас ги менуваа и по двапати на ден поради крвавење. Стари се, износени, но испрани, испеглани и чисти.
Нè носеа до тоалет да нè тушираат. Прашуваа дали имаме редовно мокрење и столица. Дали бебето цица, доаѓаа да го проверат дали добро ја влече градата, дали има рефлекс за шмукање, дали знаеме да му смениме памперс...?
Не знам што очекувате од јавното здравство, но јас излегов со надминати очекувања и во однос на хигиена и во однос на професионализам кај секој еден од вработените. Единствена замерка е храната.
И за крај, наплата за еден ваков третман е 0 денари. Буквално, ниту едно „потплатено“ медицинско лице од наша страна“, вели меѓу другото таа.
Ирина откри и дека времето од породувањето досега ѝ поминало многу брзо, но дека ужива во секој момент.
Призна и дека повремено пие пиво, но и дека пивото во моментов ѝ помага да ја зголеми лактацијата за доење. Но, вели и дека не знае што точно ѝ помага за лактација бидејќи јаде и овес, пие многу вода, сок од јаболко…
На прашањето дали користи силиконски брадавици за доење, вели дека не ѝ требаат, но дека познава доилки кои ги користат и дека според неа тоа е во ред.
За бебето рече дека многу ретко има грчеви, а тоа се случува само кога нема да оди по голема нужда 2 до 3 дена.
Ирина најави и дека наскоро ќе почне да планинари заедно со синот.
„Мама е подготвена да носи тежина. Во понеделник купуваме кенгур и почнувам со Водно“, напиша.
На прашањето колку пати вежбала или пешачела во текот на денот, Ирина вели:
„Секој ден вежбање, од кои три дена во неделата кардио (пешачење или возење велосипед) и плус тежински во теретана. Значи, по два тренинга на ден. Иако се случувало и полноќен тренинг или на кеј како трет во денот“.
И на крај одговара на прашањето на кого личи синот Јосиф, „на тетовчани или на галичани“?
„Личи на љубов“, вели Ирина.
А. Ј. | Црнобело