Лила трипати правела натална карта, Елена Најдоски е „типична Риба“: Колку нашите славни личности веруваат во астрологија?
Снеже Велков: „Порано читав љубовен хороскоп и го споредував со тој на дечкото“
Родена сум на 5 март и во хороскоп сум Риба, а подзнакот вика дека сум Рак.
Риба дефинитивно сум по забеганоста, фантазирањето, креативноста, уметноста, пишувањето, живеењето во некој розов убав свет. Риба сум можеби по нежноста која ја поседувам или елегантност во изгледот, ако може да се каже.
Ако треба да се направи некоја споредба со вид на Риба дефинитивно сум некоја таква украсна рипка.
Чудно е и тоа дека како Риба би требало да сакам вода и море, ама јас ги сакам само да ми се во близина, а не и да влегувам во нив.
Подзнак сум Рак. Некои викаат дека тука емоциите преовладуваат, ама па јас ич не сум плачка. Можеби кај мене емоциите превладуваат во однос на тоа дека како се чувствувам така правам и се потпирам повеќе на емотивно согледување на работите, а нелогично и објективно при донесувањето одлуки.
Велат дека Раковите се наклонети кон семејството – и тука ме погодиле.
И уште нешто имам од Ракот, ама како и тој, ретко го применувам освен кога морам – клештите. Не се закачам, ама ме закачиш ли, клештите не ти гинат.
Инаку, се нервирам што ја немам понекогаш самодовербата на Лавовите или онаа борбеност и цврста верба на Јарците да одат со роговите напред. Мислам дека многу полесно ќе надминев некои работи, ама ете, си пливам со Ракот и Рибата.
А хороскоп читав многу поредовно кога бев на факултет да знам дали ѕвездите ми се наклонети и дали ќе положам испит.
Редовно се читаше и љубовен хороскоп кога бев девојка, па споредување на хороскопот на дечкото со мојот, па дали си одговараме и слично.
Еднаш ми правеа натална карта се сеќавам со сè сите куќи, месечини и други работи, ама веројатно ништо немало значајно штом не паметам.
Сега ретко читам, онака за забава и верувам во хороскопот само ако ми одговара напишаното.
А со оглед на тоа што и јас и сопругот сме Риби, можам да заклучам јас се однесувам како некоја од тие украсните рипки, а тој е буквално ајкула.
Васил Гарванлиев: „Поради лошите карактеристики на Скорпијата, многумина мислат дека сум остар и студен“
Роден сум на 02.11, во знакот на Скорпија, а во подзнак сум Девица. Во Месечина сум Водолија.
Самото тоа што знам што сум во трите елементи, кажува дека следам и верувам во животот.
Но, би кажал дека сум бела Скорпија, бидејќи за мене секој знак има црна и бела верзија.
А „лошите“ карактеристики на Скорпијата се завртени кон мене, па многумина пред да ме запознаат мислат дека сум остар и студен, но за минутка-две со насмевка ја гледаат другата страна.
Инаку, читам месечен хороскоп на Astrology Zone од Сузан Милер.
И со скоро сите другари и другарки сме на CoStar, интересна апликација за сите што веруваат во хороскоп.
Васил Зафирчев: „Не читам дневен, но секоја година правам кинески хороскоп“
Роден сум на 28 февруари 1980-та година, во знак сум Риби, а во подзнак Лав.
Ги имам речиси сите позитивни аспекти на знакот, особено во однос на духовноста, интуицијата и уметничката предиспозиција.
Додека, пак, оние негативни страни на знакот се анулираат под влијанието на подзнакот.
Среќен сум заради добрата предиспозиција од комбинацијата на знакот и подзнакот.
Верувам во астрологијата, во космогонската зададеност и предодреденост, како и во космичкото влијание кое небесните тела го имаат врз нашиот живот и нашата судбина.
Не читам дневен хороскоп, но секоја година правам кинески хороскоп.
Елена Најдоски: „Од Рибата имам големо срце, многу љубов и позитивен дух“
Родена сум во знак Риба, а во подзнак сум Овен.
Од Рибата имам неколку карактеристики – големо срце, многу љубов, сочувствителност, позитивен дух.
Јас сум голем сонувач, романтична, длабоко сум емоционална.
Интуитивно ги доживувам работите, дали се добри или лоши, а инстинктот никогаш не ме лаже – тоа е карактеристика на Риба, а јас дефинитивно го поседувам.
Важно ми е духовното ниво и сакам да ги запознам луѓето подлабоко, важна ми е личноста.
Од друга страна подзнакот Овен ме прави да бидам лидер, борбена, лојална, сакам директен и искрен однос со луѓето.
Од карактеристиките што ги поседувам, а не ги сакам е што сè си ставам при срце, бидејќи Рибата е емотивна, а јас го имам тоа.
Читам хороскоп, ама не верувам во тоа. Порано читав на дневна база, а сега со пријатели во група знаеме да прочитаме и да се пошегуваме што вели хороскопот.
Повеќе верувам во нумерологија и лани ми изработија нумеролошки приказ, а девојката што го направи тоа, а не е од Македонија, ми предочи некои работи кои ги следам.
А. Ј. | Црнобело / фото: Инстаграм