Мартин Стрезоски, фотограф: „Охрид е лесен за фотографирање, но Скопје е деликатен со раскопани улици, кабли и градилишта“
- Детали
- среда, 15 март 2023
„Во вртлогот на раскопани улици во Скопје, развлечени кабли од бандери, недовршени градилишта за згради и разиграни паркирани автомобили, право задоволство е кога ќе се направи фотографија лесна и чиста, како филмски кадар...“ - вели Мартин Стрезоски (35), вљубеник во фотографијата.
Мартин Стрезоски (35) од Охрид по професија е правник и работи во СКСМ (Стопанска Комора на Македонија), а вели дека во целото останато време од денот е „уметник“.
Од најразличните хобија на кои им е прилично посветен, Мартин ја издвојува фотографијата, но вели дека нема да ја прескокне ниту музиката.
Тој на 22 години си купил пијано и полека научил да свири, а шеговито вели дека денес може да покрие целовечерна програма.
Сепак, во најголем дел од денот е посветен на фотографијата и на ловењето на убавината на градовите во Македонија, особено родниот Охрид и градот каде што живее - Скопје.
За неговото хоби тој открива за CRNOBELO.com:
„Фотографијата ме плени сосемa случајно пред неколку години, кога една вечер спонтано со телефон направив прва црно-бела фотографија. Тоа беше љубов на прв поглед.
Еве ме неколку години подоцна, како сафари турист во сопствениот град, во сопствената земја, луѓе ми се обраќаат на англиски нудејќи ми превоз и сместување, „прелажани“ од мојот поглед кој неуморно бара нови кадри.
Јас сум од Охрид, а живеам во Скопје.
Градовите последниве десетина години многу се променија и сè уште се менуваат со жестоко темпо. Чувствувам одговорност да направам пресек на време и место, да направам кадар кој некогаш ќе раскажува.
Секогаш барам некој дел кој може да се пофали со своја автентичност, во која било смисла на зборот.
Охрид е лесен за фотографирање, едноставно не можеш да погрешиш. Треба само време, енергија и добри патики.
Скопје е малку „деликатен“ за фотографија од аспект на измешаните стилови и концепти, но тука е и предизвикот поголем.
Во вртлогот на раскопани улици, развлечени кабли од бандери, недовршени градилишта за згради и разиграни паркирани автомобили, право задоволство е кога ќе се направи фотографија лесна и чиста, како филмски кадар.
Омилено место за уживање и фотографирање ми е Музејот на современа уметност, како исклучително естетски простор, а воедно и цело Скопје на дланка.
Дебар Маало ми претставува посебен предизвик и некогаш дури и успевам да направам „филмски кадар“. Ги сакам мостовите, платото пред филхармонијата и МНТ, железничката станица...