Ленче Манова: „Имав 39 години и бев на работ од смртта, пријател ми донираше дел од својот црн дроб и втор живот“
- Детали
- среда, 01 март 2023
„Поради автоимуна болест, која ми ја дијагностицираа на 32 години, црниот дроб ми работеше со едвај 10% капацитет, ми се појави тромб на вена порта со тоа што беше блокиран целиот крвоток во црниот дроб и шансите за преживување беа сосема мали, но Кирчо ми даде втора шанса за живот, сега го нарекувам свој брат“, споделува Ленче Манова (45) од Кочани за CRNOBELO.com.
Ленче Манова (45) од Кочани, дипломиран менаџер по царина и шпедиција, вработена во печатница во Кочани, вели дека Кирчо Стојов (54), исто така вработен во печатница во Кочани, е човекот кој буквално ѝ го спасил животот кога таа имала 36 години.
Поради болест, нејзиниот црн дроб откажувал и Кирчо ѝ донирал дел од својот и ѝ го спасил животот.
Овој семеен пријател, сега го нарекува свој брат, а посадија заедно и дрвце jапонско јаболко кое ќе го симболизира мигот кога Кирчо со со донирање на орган ѝ го спасил животот.
Ленче постојано говори за својата животна приказна за да ја поткрене јавната свест за донација на органи.
За CRNOBELO.com таа ги споделува деталите:
На која возраст ти се појавија здравствени проблеми (какви) и дали донирањето на орган, односно црн дроб, беше единствениот начин за спас?
Проблемите започнаа во 2014 година на моја 36-годишна возраст, додека болеста (автоимуна ПБЦ – Примарно билиарна цироза) ми е дијагностицирана во 2009-та година на 32-годишна возраст и ДА трансплантацијата (донирањето на црн дроб) беше единствено решение за оваа болест.
Трансплантацијата ми беше извршена на моја 39-годишна возраст.
Колку години имаше маки? Кои беа симптомите дека мора да се преземе овој чекор?
Маките беа 2.5 години, од почетокот на 2014, па сè до 2016 година.
Како симптоми почнаа пукање на варекси во мојот хранопроводник, каде црниот дроб работеше со едвај 10% капацитет, ми се појави тромб на вена порта со тоа што беше блокиран целиот крвоток во црниот дроб и шансите за преживување беа сосема мали каде што по одредени параметри клиниката на гастроентерохепатологија одреди дека треба да се изврши трансплантација во странство, бидејќи кај нас тогаш не се правеше.
Немаше ли соодветен донор во кругот на твоето семејство?
Во моето потесно семејство немаше членови кои здравствено можеа да донираат (татко шеќерна болест, мајка бајпас, сестра мултипласклероза).
За да некој биде жив донор на орган мора да биде комплетно здрав, да поднесе одредени испитувања кои ги одредува клиниката, потоа крвната група мора да биде компатибилна со мојата, и да е во крвно сродство до трето колено.
Значи комплетно здрава и храбра личност.
Како испадне токму Кирчо да биде твој донор? Во какви односи е со твоето семејство?
Кире испадна да биде случајно донор. Кога се појавија проблемите беше во моја посета и се понуди како може да помогне и дека е со слободна волја и желба да го спаси мојот живот, кој беше токму на граница на преживување.
Долги години јас и моето семејство имавме соработка, а и дружба со Кире и неговото семејство, па така дојде и до неговата храбра и незаборавна одлука.
Како изгледаше процедурата? Каде се изведоа операциите, колку дена бевте во болница?
За процедурата на ваква операција многу тешко се собираат конзилиарни мислења од неколку клиники, потоа одобрувања од Фондот за здравство каде се носат одлуки на одредени состаноци кои ве држат во неизвесност, преводи на документи и извештаи, потврди од амбасади, етички комисии, а и тоа не е сè. Потоа, пак се соочуваш со истите испитувања и постапки во државата каде се извршува трансплантацијата, во мојот случај Турција.
Во другата држава има други постапки, кои се според нивните закони и прописи и сето ова за фондот да донесе одлука дали ќе те прати или не на операција.
За жал, сами си ги бркаме постапките. Трошокот е на пациентот, секоја постапка и процедура во и надвор со престој и пат е на пациентот, а операцијата и секое испитување надвор го плаќа фондот.
Операцијата е изведена во Анталија, Турција, во болницата „Medical Park“.
Во болница бевме 23 дена каде мораше после да следат 2 контроли на секои 2 недели.