Кристина Георгиевска, организатор на свадби: „За странците тренд е Ракија Барот со упатство за пиење, хит дестинација за свадба сега е Берово“
Која дестинација е најпосакувана и барана и зошто?
Најпосакувана дестинација за свадбена прослава во моментот е Берово, преубаво место во источниот дел на Македонија, спремно за уникатни приватни веселби по пристојни цени и прекрасна храна од Малешевијата.
Што е најактуелно периодов во поглед на свадби? Нешто што сите го сакаат и бараат?
Моментално најактуелно е Kids corner, место каде што има анимација за најмалите гости на свадбата секако таму има одговорно лице кое ги анимира дечињата, најчесто цртаат слики за невестата или играат некои игри, а со тоа родителите се слободни да се забавуваат.
Кога би споменале за тренд што сите го сакаат би можело да се издвои Welcome drink, нашите младенци најчесто го прават на влезот со Prosseco, а додека кај младенците од странство како тренд можеме да го издвоиме ’Ракија Барот‘ на кој пишуваме упатство за пиење на ракијата за да не дојде до несакани сценарија.
Сезонава видовме многу венчавки во Охрид на брод – колку е тешко да се организираат, како се снаоѓаат гостите со забава на пловечки брод?
Венчавка на брод е навистина убаво, и воопшто не е комплексно за организација, но со висок ризик фактор поради временски услови, бидејќи при лоши временски услови не би било пријатно да сме на брод, сепак сме повеќе за венчавки на копно.
Сте имале ли некоја несакана ситуација?
Несакани ситуации ни предизвикуваат работите кои не зависат од нас, како на пример имавме неколку свадби на кои фотографиите на младенците беа комплетно уништени поради лошото и непрофесионално осветлување и ефекти во ресторанот.
Осветлувањето е на прво место кога се работи за добри фотографии, бидејќи моментот на свадбата нема реприза би ги советувале идните младенци да ангажираат професионална компанија која би се погрижила за осветлувањето и ефектите, а не некое непрофесионално лице, најчесто некој од келнерите да е одговорен за светлото на прославата.
Која е најуникатната свадба што сте ја организирале?
Тешко е да се одлучиме, сепак сите свадби се наше уникатно дело, но може да се одвои оваа сезона свадбата на еден пар од Гевгелија, прославата беше во тоскански/италијански стил, сите детали од избор на локација, декор, музика, стилизирање на простор, торта ама буквално секој детаљ беше во тој стил малку необичен за нашите простори, но сепак навистина уникатна свадбена прослава за паметење.
Колку време е потребно за целосно да се организира една свадба? Што ви е најтешко при организацијата?
Во зависност од колку гости ќе бидат на свадбата, најдобро е од 12 до 15 месеци однапред да биде првата комуникација со цел да има доволно временски период за избор на соодветна локација, добар бенд, фотографи бидејќи сите добри екипи се зафатени една година однапред.
Најтешко при организација на една свадбена прослава е комплетирање на финалното сценарио и агенда според барањата и замислите на клиентот.
Ваш совет за сите идни младенци…
Би ги советувале да не ја оптеретуваат агендата на денот на свадбата, дополнителните активности покрај вечерната прослава како што се одење по невеста, црквената церемонија и матичното може да ги направат претходно со цел дента на прославата да бидат одморени и спремни за сопствената забава.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
М. М. | Црнобело