Светлана од Скопје е инспиративна 69-годишна пензионерка: „Кои се моите тајни за среќен живот?“
Хоби ми е цртање со акварел техника и за време на пандемијата, насликав околу 200 слики.
Модниот стил ми е спортско елегантен. Најмногу сакам да сум облечена во тексас, обожавам светли бои, бела и светло сина, а за навечер омилена ми е црно-бела комбинација.
За нега на лицето користам исклучително природни препарати и кожата на лицето ја негувам со кокосово масло, и честопати си правам масажа со јапонски техники - Зоган масажа.
Секојдневно вежбам со справа која се вика стомак елиминатор. Имам и свој серијал вежби за раздвижување, кои ги правам наутро.
Како поранешна ракометарка, сметам дека физичката активност е многу важна за здравјето. Годините не ми се пречка и среќна сум што спортскиот дух никогаш не ме напушти.
Воопшто и во негата, и во исхраната, и целокупниот стил на живот приврзаник сум на источните традиционални култури. Започнувајќи од 2005 година ја применувам и трансцеденталната јога - медитација, секојдневно.
Благодарна сум што имав среќен брак, иако мојот сопруг, за жал, прерано го заврши животниот пат. Но, живеевме во брак полн со љубов, почит, разбирање, богат социјален заеднички живот, имавме многу дружења, патувања со нашето друштво..
Тајната на среќниот брак е да сакате слични нешта во животот, да се смеете често, да пеете, да танцувате.
Ние патувавме многу бидејќи мојот сопруг потекнуваше од Воден, Егејска Македонија - сите празници Велгден, Нова Година, и слободни викенди ги поминувавме таму долу на југот.
Летата ги поминувавме на сите туристички места на Егејското Море, но и на Јадранското Море - Дубровник, Будва...
Сепак, како најубав спомен од тие патувања ми остана во сеќавањата пречекот на една новогодишна ноќ во Воден - кога танцувајки со сопругот, нè понесе музиката и му направивме прекрасно шоу на друштвото, кои нè опсипуваа со листови од ружи.
Редовно уживам во прошетките по кејот на Вардар, и кафето во кафулињата на кејот со мојата сестра и пријателките од средношколските денови.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело