Армине, Ерменка мажена за Македонец: „Сопругот го запознав во мојот роден град, омилено македонско јадење ми е тавче гравче“
Колку често ја посетуваш Ерменија? Ти дошле ли тука некои роднини?
Скоро секоја година го посетуваме моето семејство, роднините и пријателите во Ерменија, исто така неколкупати брат ми со семејството и моите родители ја имаат посетено Македонија и со себе понеле многу убави впечатоци.
Омилено јадење од Ерменија, а омилено од Македонија?
Ерменската кујна е многу богата, а мое омилено јадење се различните видови на сирење во нашиот леб – лаваш, заедно со различните видови на свежи зачини.
Во Македонија омилено јадење ми е гравче тавче и зеленчук на жар. Често сакам да готвам и секогаш имаме на трпезата традиционални ерменски и македонски јадења, кои вистинскиот вкус го добиваат кога се споделуваат со пријателите и роднините.
Тежок ли ти беше македонскиот јазик?
Македонскиот јазик не ми беше тежок за учење, бидејќи знам руски. Кога некој сака да биде дел од секојдневието на некоја нова култура, комуницирањето на домашниот јазик е многу важно.
Во изминатите години, сакав да ја приближам македонската култура до моите сограѓани во Ерменија и многу сум среќна што веќе третата книга од македонски автори со мој превод, ќе биде издадена во Ерменија.
Првите две книги: „Нишан“ од Блаже Миневски и „Неверство“ од Дејан Трајкоски, беа многу успешни и добро прифатени од ерменските читатели. Скоро ќе биде издадено и новелата на Гоце Смилевски „Сестрата на Зигмунд Фројд“.
Исто така, сум среќна, што неколку ерменски автори сум превела на македонски јазик.
За потребите на Ерменската Заедница во Македонија и запознавање со ерменското писмо и јазик, имам изработено и публикувано Ерменско-македонски буквар и Работна тетратка по ерменски јазик.
По што е позната Ерменија најмногу?
Ерменија најмногу е позната како прва земја што го прифатила Христијанството како државна религија во 301 година, и дека има своја посебна азбука, уште од петтиот век, која се користи и денес.
Ерменија е земја на коњакот и шахот, сушеното овошје, гостопримството, прекрасните пејзажи, богатата историја и култура.
Исто така има голем број на меѓународно признаени интелектуалци и творци во Ерменија и во дијаспората, кои се многу познати научници, пејачи, актери, доктори, спортисти…
Каде би сакала да си дочекаш пензија?
Каде што ќе живееме со моето семејство, без разлика на земјата, секогаш Македонија и Ерменија ќе бидат во моето срце.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело