Армине, Ерменка мажена за Македонец: „Сопругот го запознав во мојот роден град, омилено македонско јадење ми е тавче гравче“
- Детали
- вторник, 31 мај 2022
„Во 2000 година се вратив во мојот роден град Армавир и добив работа на проект за водоснабдување на регионот, како преведувач и асистент на генералниот директор на компанијата – Јане Вртески. Таму започна нашата меѓусебна почит, потоа љубов и започнавме да го градиме нашето семејство. Нашата ќерка Анет се роди во Ереван, а после една година Минела се роди во Скопје“, ја започнува својата приказна Армине Пилојан Вртеска (49), од Армавир, Ерменија, за CRNOBELO.com.
Армине Пилојан Вртеска (49), родена во Армавир во Ерменија, веќе 18 години живее во Македонија со семејството. По професија е лингвист, дипломирала на Државниот универзитет во Ереван, отсек англиски јазик и на универзитетот работела како професорка по англиски јазик.
Но, нејзината љубов кон уметноста и креативноста, кои вели дека се неизоставен дел од неа, ја воделе кон стекнување и примена на нови знаења, односно изработка на керамички производи, филигран, сликање.
Последните две години заедно со нејзината пријателка Мери, која е исто така Ерменка, креира рачно изработени чоколади и се жени претприемачки во чоколадарница „Ла Ганаш“.
Taa ja раскажува својата животна приказна за CRNOBELO.com:
На колку години ја напушти Ерменија и зошто?
Имав 31 година, кога дојдовме да живееме во Македонија – земјата на мојот сопруг.
Како започна вашата љубовна приказна?
Во 2000 година се вратив во мојот роден град Армавир и добив работа на проект за водоснабдување на регионот, како преведувач и асистент на генералниот директор на компанијата – Јане Вртески. Таму започна нашата меѓусебна почит, потоа љубов и започнавме да го градиме нашето семејство.
Нашата ќерка Анет се роди во Ереван, а после една година Минела се роди во Скопје. Сега нашите ќерки носат во себе две богати култури, јазици и земји.
Ти недостига ли Ерменија?
Ерменија многу ми недостига, секој ден и секој миг…
На почетокот беше многу потешко да се чувствувам дел од средината, но по извесно време, кога веќе можев слободно да комуницирам, кога бројот на пријатели и меѓусебните дружења се зголеми, можев да ги надминам дел од тешките мигови на одвоеност од моето семејство и пријателите во Ерменија.
Како изгледа животот таму?
Во последните дваесетина години животот во Ерменија, како и во Македонија, се промени како резултат на глобализацијата, регионалните случувања и демографските движења.
И пред дваесет години и денес јас Ерменија ја чувствувам како магична земја со многу душа, уметност, културни настани, книги…
Колку е тешко да се успее во туѓа земја?
Јас мислам дека никаде не е лесно, но со вложен труд, љубов и упорност можно е да се успее секаде.
Според моето искуство, можам да кажам дека познавањето на јазикот, разбирањето и поддршката во семејството, широкиот круг на пријатели, меѓусебната комуникација и дружењата се клучни за интеграција на странец во општеството.