Дарко Фотевски, дечко од Скопје со префинет моден стил: „Оделата и модните додатоци ми се слабост“ (фото)
Наоѓањето на точна комбинација на бои е еден од најважните чекори во креирањето на стилот. Доколку погледнеме околу нас, во природата можеме да ги пронајдеме сите комбинации на бои, и едноставно и лесно може да ја скроиме следната модна комбинација.
Никогаш нема да погрешите со монохроматски бои, кои за мене знаат да бидат понекогаш здодевни, аналогните или блиските бои се секогаш добредојдени и најзастапени, додека комплементарните (спротивните) бои би рекол дека се за најхрабрите. Затоа обој го секојдневието!
За мојот стил пресудни се модните додатоци без кои ниедна моја комбинација не би била целосна. Тие се двигател и почетна точка во секоја моја замислена комбинација. Во зависност од сезоната, во мојот стил застапени се најразлични на додатоци (accessories), кои ги поседувам во прилично голем број, како: капи, шалови, марами, бандани, вратоврски, bow tie, џебни марамчиња, колоритни чорапи, часовници, очила и сл.
Чувството за естетика и комбинација на модните парчиња и додатоци е она што ме прави поинаков.
Што се однесува на омилено парче, многу е тешко да се одбере, бидејќи во мојот гардеробер има голема разновидност и колоритност. Секое парче е одбрано со многу љубов и претходно добро осмислено да се вклопи во мојот стил.
Љубител сум на сакоа, кои ги имам во огромен број, одела, секако чевли, cardigans, ролки, елечиња, кошули и што уште не. Кога ги спомнав кошулите морам да напоменам дека секој деловен-бизнис маж треба да поседува по неколку кошули кои според мене се најкористените и најзастапени бои: бела, светлосина и кошула со вертикални линии (Stripes). По можност во секој момент и прилика да има спремно чиста и испеглана кошула од споменатите бои на кошули.