Дарко Фотевски, дечко од Скопје со префинет моден стил: „Оделата и модните додатоци ми се слабост“ (фото)
- Детали
- вторник, 19 април 2022
„Ќе се осмелам да кажам дека се сметам за урбан лик со префинет моден стил, во кој преовладува колоритот. Модата е присутна во целокупното мое секојдневие, секогаш ѝ приоѓам инстиктивно и никогаш не се водам по толпата, односно не ми се пресудни моменталните модни трендови“, вели Дарко Фотевски (36), директор на имотно и карго осигурување во осигурителна компанија, од Скопје за CRNOBELO.com.
Дарко Фотевски (36) од Скопје, директор на имотно и карго осигурување во осигурителна компанија, среќно оженет и татко на две дечиња, е познат по префинетиот моден стил.
Тој е секогаш со внимателно избрани модни стајлинзи, надополнети со совршени модни додатоци. Едноставно, вистинска модна инспирација на Инстаграм.
За CRNOBELO.com Дарко открива како го дефинира својот моден стил, но и од каде љубовта кон модата:
„Ќе се осмелам да кажам дека се сметам за урбан лик со префинет моден стил, во кој преовладува колоритот.
Модата е присутна во целокупното мое секојдневие, секогаш и приоѓам инстиктивно и никогаш не се водам по толпата, односно не ми се пресудни моменталните модни трендови. Како што гласи една позната изрека: „Fashions fade, style is eternal.“ — Yves Saint Laurent.
Факт е дека модата се случува на самите улици и дека модните блогери ја диктираат модата, но колку и да изгледа привлечно, не секогаш значи и дека треба слепо да се следи.
Секогаш се стремам да го презентирам стилот на мој својствен, препознатлив начин. Иако најчесто преовладува бизнис (формалниот) стил во моето секојдневие бидејќи самата работа ми налага така, знам да го практикувам исто така и уличниот (street style) во слободното време секаде каде што налага приликата.
Многу е важно да се има чувство за тоа кога и како се носи одредено модно парче, бидејќи сведоци сме за жал дека сè уште постојат несоодветни комбинации на одредени настани.
Но, за секој стил секогаш е потребно одредена храброст и самодоверба за да може да се донесе замислата баш како што треба. Затоа бидете храбри и излезете од комфорната зона и пробајте нешто ново, секако со стил. Задолжитено, внимавајте секогаш да се чувствувате комотно, исполнето и сигурно во тоа што го носите на себе.