Уникатна љубовна приказна: Таа е од Струмица, тој од Мексико, живеат во Нов Зеланд, а ја запросил во Дубаи
- Детали
- вторник, 22 февруари 2022
„Живеам во Нов Зеланд веќе десет години и токму таму го запознав Мексиканецот од моите соништа. Мојот свршеник Родриго е фасциниран од нашиот љубезен народ и македонската култура, Македонија навистина му се допадна …“, раскажува Ванелиа Петровска (31) од Струмица за CRNOBELO.com.
Ванелиа Петровска (31) од Струмица веќе 10 години живее во Нов Зеланд, а таму го запознала Родриго, Мексиканецот кој бил упорен во намерата да ѝ го освои срцето.
За CRNOBELO.com таа ја раскажува нивната љубовна приказна:
„Се започна кога имав пет години, кога пеев шпанска музика и гледав шпански серии. Ме интересираше многу шпанската култура и си замислував како еден ден ќе живеам надвор од државата и ќе најдам латино момче. И како што би рекле старите „внимавај што посакуваш“. Во овој случај моите желби станаа моја реалност.
Денес живеам во Нов Зеланд веќе десет години и токму овде го запознав Мексиканецот од моите соништа.
Со Родриго се запознавме во јануари 2015, сè уште се сеќавам на денот кога неговиот најдобар другар нè запозна. Родриго ми се доближи и почна да разговара со мене на шпански. Тогаш му објаснив дека го разбирам сè, но не можам добро да возвратам.
Родриго беше фасциниран колку добро го разбирам шпанскиот јазик и ме покани заедно да патуваме, јас го одбив, но тој ми го побара телефонскиот број каде што исто така одбив, по што изгубивме контакт, а тој замина да патува низ Нов Зеланд.
Еден ден ми прати порака на Фејсбук и ми напиша на македонски „Здраво како си? Мило ми е што се запознавме.“
Тој ден беше нашиот прв официјален љубовен состанок. Ми подари прекрасна алка која ја донел од неговото патување за мене.
Се заљубив во неговата енергија и вниманието коешто ми го посветуваше, позитивноста, како и во мексиканската култура и храна којашто ја негуваше.
Станавме неразделни почнавме да живееме заедно, поминавме многу животни предизвици, но нашата љубов и поддршката што ја имаме еден кон друг надмина сè.