Амир Исмаили ја има најкреативната тезга на пазарот Тафталиџе: „Забавните натписи ги пишувам од 1996 година - сите ме знаат“
По колку часа на ден сте на пазар? Какво ви е работното време? Колку дена неделно работите?
Од 10 до 12 часа на ден, 7 дена во неделата и 365 дена во годината.
Имате ли редовни купувачи? Каков ви е односот со нив?
Без редовни и лојални купувачи јас ќе бев во историјата.
Јас нив ги сметам како семејство, а и тие мене. Затоа и услугата и квалитетот по секоја цена мора да биде пред сè.
Од каде се инспирирате за натписите?
Јас сум во душа уметник, го сакам различното, ја сакам природата и ги ценам луѓето, и кога сето ова ќе го искомбинираш со убавината, природата и потребата, доаѓа инспирацијата и на крај делото.
Кое овошје или зеленчук се продава најмногу? Кое се расипува најмногу? Кое држи највисока цена постојано?
Зависи од сезоната, но луѓето од Тафталиџе се ориентирани кон здрава и лесна храна.
Секоја роба што е природна, односно органска се расипува, па има еден слоган што се однесува за мене: „Продавај ме или ќе те продадам“.
Најскапа е увозната роба (авокадо, манго итн.) и локалната малку достапна роба (како сув везен, домашен лук, тетовски грав итн.), поточно роба што порано ја произведуваа нашите предци, а потомците ја запоставиле.
Амир Исмаили сите го знаат на пазар затоа што…
Амир и неговите браќа, ги знаат сите како чесни луѓе, љубезни, добри со колегите, услужливи и тоа што го презентираат тоа и ќе добиеш! Затоа постои и слоганот за целата тезга: „Ние не продаваме роба, туку продаваме квалитет“.