Борислав Калковалиев: „Чест е да се биде дел од медицинскиот тим на Фудбалската репрезентација на Македонија“
Колку е стресна оваа работа?
Стресот не е нешто што ми е непознаница, туку напротив може да кажам секојдневние во мојата пракса. Она што е сигурно посебно и различно е возбудата и адреналинот околу секој натпревар кој што го доживуваме заедно со фудбалерите, бидејќи навистина репрезентацијата функционира како едно големо семејство, со заедничка цел, а тоа во моментов е пласман на Европско Првенство.
Колку способноста на медицинскиот тим е клучна на натпреварите?
Секако дека не е пресудна за исходот на еден натпревар, но сигурно е од огромна важност. Заедничка желба и на играчите и селекторот со неговите помошниц, а и наша секако е да сите кои се повикани на собир бидат потполно здрави и целосно подготвени за натпреварите кои следат.
Македонија е мала земја, и немаме можност за бескраен избор на фудбалери кои можат да одиграат на ниво какво што националниот дрес тоа го бара. Затоа, отсуство на само еден играч од првиот тим, веќе е на некој начин хендикеп. Сите даваме максимум да ги оспособиме повредените, во еден краток временски период, да одиграат на едно максимално ниво како што знаат и умеат, а на успесите да се радуваме сите заедно.
Кои се најчестите повреди кај фудбалерите?
Станува збор за една комплексна наука, поврзана со многу фактори. Преку биомеханика на телото поврзана за самиот спорт, услови за игра, општа здравствена состојба на секој фудбалер поединечно и негова предиспозиција за одредена повреда и така натаму.
Секако дека доминираат повредите на долните екстремитети, најчесто на колено а потоа скочен зглоб стапало, како и повреди на мускулите. Во Македонија, кај фудбалерите, доминираат повредите на преден вкрстен лигамент на коленото.
Најинтересната случка од некој натпревар?
Секој натпревар носи посебна приказна и магија во себе. Остануваат спомени кои траат цел живот. Но, ако треба да е од медицинскиот аспект, би можел да издвојам една. Не ретко, во меѓусебните дуели со противниците, фудбалерите некогаш знаат да изглумат посериозен контакт, во една „тактичка“ смисла на нештата.
При една таква ситуација, фудбалерот несвесно гестикулираше движења на телото кои по теорија одговараат на посериозна повреда на главата и на вратен рбет, што е сериозна повреда која знае да заврши и фатално. Откако втрчавме во теренот, фудбалерот во „eye contact“ со мене веројатно препозна еден различен пристап и мала паника, и ми рече: „Доки, добар сум брат. Праам прича.“
Имало ли досега случај фудбалска топка да заврши во нечие лице? Колку боли тоа и какви се последиците?
Повредите од таков тип знаат да бидат чести, при што најчесто станува збор за мекоткивни повреди на уста и нос, но неретко знаат и да направат фрактура на носни коски, а некогаш и посериозни повреди.
Претпоставувам дека е навистина болно, но во жарот на борбата играчите често и не бараат помош. Дури се и нестрпливи што побрзо да се вратат во игра, а кога истата мора да биде пружена ако се појави крвавење, кое додека е актуелно играчот не смее да биде во терен.
Дали токму вие од медицинскиот персонал се вбројувате во фанови број 1 на репрезентацијата?
Што се однесува до медицинскиот тим, неретко во оние слободни моменти на дружење, знаеме да бидеме и мета на зајадливи коментари и досетки за кои никогаш не се лутиме. Напротив, и тоа е дел од одржување на една позитивна и убава атмосфера.
Спомнав претходно, дека сите сме како едно големо семејство. Од играчите, стручниот штаб, медицинскиот тим, економите, како и сите на некој начин поврзани со работата за време на собир. Огромна чест и задоволство е да се биде дел од една таква институција, во која покрај стручниот предизвик и искуство, научив многу и како човек за другарство, пожртвуваност, посветеност, лидерство и ставање на личните квалитети во служба на заеднички придобивки.
Не може човек да остане рамнодушен, а да не се израдува на секој постигнат гол, и да се натажи за загубен натпревар. Се надевам дека изминатиов успешен период, ќе го заокружиме со историски пласман на Европското Првенство, на кој верувам сите ќе бидеме многу радосни и горди како нација.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
С. С. | Црнобело