Марија-Магдалена од Битола е професорка со совршен моден стил - носи и облека од втора рака и парчиња од баба ѝ
- Детали
- недела, 02 март 2025
„Почнав како селска наставничка во пелагониското село Дедебалци, во училиште во кое ВЦ-то беше во дворот. Штотуку дојдена од Лондон и Њујорк, гордо ги поминав сите фази на моето професионално развивање“, вели Марија-Магдалена Петковска Микаровска (39) од Битола, која важи за жена со совршен моден стил.
Марија-Магдалена Петковска Микаровска (39) од Битола е професор по англиски јазик и основач на платформата „Ministry of Second hand”, каде промовира пронаоѓање на нова љубов во старите парчиња облека.
Таа има совршен моден стил, а знае да каже дека не следи модни правила, туку самата ги создава.
Сега, приоритет им дава на парчињата направени од квалитетни материјали и на парчињата кои имаат приказна во себе, како оние од нејзината баба, која била дама со одличен вкус за мода.
Марија-Магдалена ја споделува својата приказната за љубовта кон модата за CRNOBELO.com:
„Во годината во која ја завршувам четвртата деценија од својот живот, почнувам да се претставувам како жена која освен својата примарна професија, професорка по англиски јазик и книжевност, почнува да се дружи и со она што цел свој живот ми претставувало пасија, љубов, желба за работа, но и предизвик - облеката, пишаниот збор и маркетингот.
Не дека не сум задоволна од мојата примарна професија. Професорка сум по англиски јазик во Средното медицинско училиште во Битола, професија која ја негувам уште малку, па две децении.
Почнав како селска наставничка во пелагониското село Дедебалци, во училиште во кое ВЦ-то беше во дворот и ги поминав гордо сите фази на професионално развивање.
Штотуку дојдена од Лондон, каде го усовршував англискиот јазик, а четири години претходно дојдена од Њујорк, како матурант во средното Vаlley Central High School.
Симпатичен ролеркостер на мешање и поврзување на искуства и нетипичности.
И тогаш, како и сега, знаев дека модата, облекувањето, модните парчиња, убаво скоцканите луѓе, модните случувања низ светот, еден ден ќе бидат дел од моите активности, директно или индиректно.
Имав баба во Прилеп која имаше око за убавини, воопшто, беше перфекционист во сè. Можеби повлеков на неа.
Како ja отворам нејзината оставина, сè повеќе сум инспирирана да го поврзувам минатото со иднината, како во декорирањето, така и во облекувањето.
Чувствувам некој вид на должност да не дозволам да изумрат квалитетните парчиња, без да се фотодокументирани и претставени во виртуелниот простор.
Модата ја сакав отсекогаш, стилот си го градев низ годините, и да, свесна сум дека имам препознатлив стил, кој е одлика на една урбана жена, која не секогаш може да си дозволи брендови, но ексклузивитети секогаш и секако, или од она што го поседува да направи ексклузивитет.
Со тоа си се гордеам.
Знам да искомбинирам брендирано парче кое сум го купила во продавниците за облека од втора рака низ Европа, неретко ми се случува да „крадам“ фармерки и дуксерки од плакарот на ќерка ми, е последно носам машки „oversized“ парчиња облека од кои сакам да истакнам женственост и од неспоиви парчиња да направам впечатлив аутфит.
Страста кон облеката умеам да ја истакнувам во продавниците за носена облека, каде задолжително навраќам.
Чувството од тој лов во цела ризница од богатства за кои кој има око, кој нема, за мене е незаменливо. Тој е адреналинот кој ме понесува.
Да излезам со вредно парче кое сум го „уловила“ поволно, а веќе во мојата глава е дел од комбинација за милион долари.
Можам слободно да кажам дека сум горда трифтерка, која ја пренесува пасијата за трифтерство на национално ниво, преку мојата платформа за облека од втора рака „Ministry of Second hand“.
Продолжува на следната страница...
Би можело да ве интересира:





