Ана Најдовска за породувањето во Норвешка: „Царскиот рез не е опција и мажите земаат ‘татковско отсуство’ од работа“
- Детали
- среда, 22 јануари 2025
„Норвешка исплаќа највисока еднократна парична помош за невработени бремени жени (приближно 8.000 евра) и тоа е највисоката сума во Европа. Родителите во Норвешка добиваат 49 недели отсуство со 100% плата“, вели бремената Ана Најдовска од Скопје, која брои денови до второто породување во Осло.
Ана Најдовска од Скопје со сопругот и ќерката Оланна (5) живее во Осло, Норвешка, но неретко ја посетува својата родна Македонија.
Таа е во брак со норвешкиот фудбалер Чума Уче Анене, кој е напаѓач на фудбалскиот клуб Амкар Перм. Родителите на Анене имаат нигериско потекло.
Ана ги брои последните денови од бременоста и пред пристигнувањето на синот за CRNOBELO.com споделува како изгледа породувањето во Норвешка.
Ана за бременоста и породувањето во Норвешка споделува:
„Норвешка е позната по својата високоразвиена здравствена заштита и грижа, придобивките за родителите се големи и самиот систем ги поддржува семејствата и е добро поставен.
Пред 5 години имав можност да го доживеам сето тоа кога го родив моето прво дете, а сега, бремена со моето второ, повторно се потсетив колку ги ценам придобивките во оваа земја.
Многу се разликува од Македонија, пред сè прегледите во бременоста се доста различни.
Откога ќе добиете позитивен тест за бременост сè што треба да направите е да го известите вашиот матичен доктор, за да ви најдат термин за првиот ехо-преглед кој ќе биде некаде околу 12 недела.
Следно ви назначуваат ваша акушерка/ бабица која ќе ве води во текот на целата бременост.
Следен скрининг (и последен) е околу 20-та недела. После тој скрининг, па сè до крај имате прегледи еднаш месечно со акушерката, и на тие прегледи се проверува притисок, анализа на урина, крвна слика, се мери стомакот и се слуша срцето на бебето со доплер.
Во последните недели од 36 до 40-та недела имате преглед еднаш во две седмици, истиот процес како и претходно. Нема ЦТГ, нема мерење на должината на грлото на матката, нема скрининг…
Се разговара и се прави план за породување, кои се вашите очекувања, желби и барања.
Тука, во Норвешка, царскиот рез речиси и не се споменува или нуди. Дури и кога ќе ги прашате, обично одговараат:
„Сме се справиле со секоја можна ситуација природно, и 99,9% од породувањата завршуваат успешно“.