Сара од Струга прави украси од филигран и волна: „Занаетот го научив од дедо ми, во неговиот дуќан го поминав детството“
Дали сè уште постои семејниот дуќан или изработките ги продаваш и онлајн? Какви се реакциите на оние што ги купуваат твоите дизајни?
Изработките ги продавам онлајн и често на настани и базари.
А реакциите често ги споделувам на инстаграм профилот pinkocrafts.mk и штом зборувам за моите изработки дека се успешна приказна, значи реакциите се позитивни.
Дали работиш по нарачка? Што бараат најчесто клиентите да им направиш?
Да, работам по нарачка и тоа се најчесто приврзоци и портрети на миленици.
Но, имам и други изработки, како брош фризерски ножички, приврзок знак на автомобил, ѕвезда приврзок за миленик, брош палета и четка со бои и многу други.
Имаш ли некое омилено парче што си го создала и од кое не сакаш да се одвоиш?
Ах, тоа се новите изработки, односно новата колекција на мини склуптури на животни, наречена Pawsome world.
Тоа е колекција од кучиња, мачиња и други животинки кои сме ги сретнале со моите кучиња Кимбо и Алфи.
Всушност, се работи за забавен приказ на нивните шепасти другари облечени во гардероба која го прикажува нивното однесување кога се запознале на нашите прошетки.
Моментално сум на почеток и засега има само неколку ликови, но колекцијата ќе се зголемува. Секој лик има приказна.
Исто така, имам изработени и мини скулптури на Кимбо и Алфи во новогодишно руво со што ќе ја најават новогодишната колекција.
Освен накитот со волна, правиш и украсни свеќи и сапуни... Што е потешко?
Да, изработувам и свеќи и сапуни, но исклучиво по нарачка.
Искрено, тоа е полесно за работа, но филцањето волна повеќе ме исполнува и повеќе се фокусирам на тоа.
Често вклучувам восок за да изработам некој дел за фигурите од волна.
Колку е ова тешко - да си секаде и сконцентрирана и креативна и да бидеш и своја и препознатлива?
Прилично е захтевно, но едноставно се пронајдов во тоа. Среќна сум и исполнета додека создавам.
Неописливо е чувството кога ќе видиш како од туфче волна или парче жица си создал нешто кое некого го прави среќен.
Бура од емоции имам секојпат кога некому ќе му предадам лично нарачка со лик на миленикот, а неговите први зборови се „Леле, исто е, браво“.
Како успеваш да се пронајдеш во сите овие различни уметности? Каде се пронаоѓаш најмногу себеси и најдобро се изразуваш креативно?
Би рекла дека се пронајдов во спојот на сите тие уметности. Филигранот го споив со филцањето волна, восокот за свеќи го претопив во носиња и шепи.
Благодарение на тоа што сум графички дизајнер, правам уникатни картички и за свеќите и роденденски картички, а правам и картички за накитот.
Со Кимбо и Алфи снимаме забавни видеа кои потоа сама ги едитирам. Имам прилично исполнето и креативно секојдневие.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело