Лора од Скопје волонтираше на Бали: „Предавав англиски на деца, сакав да им помогнам бидејќи немаат услови“
Дали ви беа обезбедени храна, престој, пат? Каде бевте сместени и како го финансиравте патувањето?
Волонтерското искуство не беше бесплатно, плативме за летот и визата, како и мала сума која подоцна се донира на семејствата на децата и нивните училишта.
Со тоа што го плативме, добивавме три оброци на ден и сместување.
Беше прекрасно чувство да знаеме дека со плаќањето на таа сума им помагаме уште повеќе на децата и нивните семејства. За нас тоа не значеше многу, но за нив значеше цел свет.
Исто така, постои друга организација наречена „Worldpackers“ која работи на истиот принцип и мислам дека таму може да се најдат уште подостапни опции.
Спомна дека со пријателката сте првите Македонски кои волонтирале на Бали. Како би го опишала целото искуство?
Како првите Македонки што волонтирале на Бали, искуството беше уникатно и незаборавно.
Оваа улога ми даде можност да претставам дел од мојата култура и да ги споделам своите знаења со децата и локалната заедница.
Бев длабоко трогната од топлината и гостопримството со кои ме пречекаа и од нивната отвореност за нови искуства и знаења.
Како изгледаше држењето настава? Дали вие ги планиравте часовите и како комунициравте со децата кои не знаат англиски?
Држев настава на ученици од трето одделение, класот се состоеше од 14 дечиња, од кои само 4 беа девојчиња.
Голем проблем во Индонезија е сиромаштијата и родителите некогаш не ги праќаат децата на училиште, туку ги тераат да работат и да помагаат во семејните работи, особено девојчињата.
Во училиштето каде предавав јас, немаше локални наставници, па откако ни доделија клас, ние имавме целосна одговорност за тоа како ќе го испланираме секој ден и што ќе ги учиме.
Добивме извештај од претходните волонтери кои го имале истиот клас, за да знаеме што учеле и да не повторуваме исто, како и кратка програма за тоа што отприлика треба да знаат за својата возраст.
Децата беа 8-9 години и не зборуваа многу англиски, и кога ќе ме прашате па како се разбиравте, велам „со раце и нозе“ и, верувајте, немаше нешто поубаво.
Тоа ја будеше креативноста во мене, а воедно ме мотивираше да не се откажувам кога е тешко.
Учевме бои, семејно стебло, животни, во основа работи кои можат да се покажат со цртежи и слики за полесно да ги разберат.
Колку беа љубезни и воспитани, тоа е нешто што не можам да го објаснам. За да покажат колку се среќни, ни даваа поклончиња, може да видите и на фотографиите (разни цветови, цртежи со наши и нивни имиња, бонбони и слатки).
Разделбата беше емотивна, бидејќи многу се зближивме.
После волонтирањето, шетавме уште две недели во другите делови од Бали и на околните острови, тоа си го организиравме сами.
Кои се разликите од училиштата во Индонезија и Македонија?
Волонтирањето на Бали ми даде можност да ги споредам училиштата во Индонезија со оние во Македонија.
Иако образованието е фундаментално важно во двете земји, постојат значајни разлики во инфраструктурата, пристапот и ресурсите кои се достапни за учениците.
На Бали училиштата се стари, недоволно опремени, немаат пристап до основни работи – учебници, а камо ли некоја напредна технологија како компјутери или смарт табли. Голем недостаток на модерна технологија.
За разлика од нив, кај нас имаме многу подобра опрема и инфраструктура и пристап до модерна технологија.
На Бали има голем недостиг на наставници, а и тие што ги имаат, немаат доволно обука и ресурси и скоро никој не зборува англиски (со исклучок на туристичките места, ресторани и хотели).
И уште една работа која ја забележав дека во Индонезија има многу локални јазици и дијалекти, што претставува голема пречка за да се има единствен и унифициран образовен систем.
Има големи културни и социјални разлики од регион до регион.