Македонка која доби 2 деца со сурогат-жена: „Откако не успеа ни 7-то ин витро, со сопругот се решивме за сурогат од Украина“
А дали пробавте да посвоите дете или веднаш ви кажаа дека е невозможно поради возраста на која сте и вие и сопругот?
За посвојување не ни стигнавме да поднесеме документи, иако размислувавме, бидејќи законски нè ограничуваше возраста.
Ние доцна се најдовме со сопругот и доцна стапивме во брак, на 40 години. А бебе ќе ви дадат на посвојување до 45 години.
Не знам колку ни беа реални шансите за посвојување, бидејќи јас на последното ин-витро веќе имав 45, а сопругот 46 години.
Немав против и поголемо дете да ни дадат, желбата да се биде мајка е посилна од сè, но, истовремено се плашев од неуспех и таму. Што ако воопшто не ни дадеа да посвоиме? Не можев и со тоа да се носам.
Како изгледа процедурата за сурогатство? Како дознавте дека може да побарате сурогат жена во Украина?
Процедурата за сурогатство во принцип е многу едноставна. Кога некои пријатели ме прашуваа како може така, јас секогаш им велам: „Пилињата од инкубатор како се вадат? И чии се - на кокошката или на инкубаторот“?
Целата работа за вас ја врши агенција. Сами не можете да барате сурогат, или барем јас не сум чула дека може.
Ние отидовме преку агенцијата „Ла вита нова“ од Харков. Наши пријатели со нив добија дете, беа многу задоволни од професионалноста и од целиот процес, па ние исто како нив, таму директно отидовме. Не ни баравме други агенции или препораки.
Ги контактиравме и тие веднаш (буквално за 10 минути) ни испратија цел протокол, што сè се бара за сурогатство и во кои случаи е дозволено.
Значи не може: „Еј, мене ми е страв да раѓам, ќе си земам сурогат-жена“. Не се дозволува сурогаство за истополов пар, мора да имате најмалку 3 неуспешни ин-витра, да бидете во законски брак најмалку една година, да бидете здрави и да можете да ги поднесете хормонските терапии.
Едниот брачен партнер мора да биде биолошки родител.
Ова го наведувам за во случаи ако едниот брачен другар прележал рак или има некоја генетска болест која се пренесува на секоја генерација, ако е заразен од ХИВ и слично, па тогаш се обезбедуваат донации од јајце-клетки или сперма.
Доколку и двајцата не можат да имаат деца, исто така не е дозволено сурогатство. Не може само да си купите ембрион или некој да ви донира ако генетски не е ваш, а вие да земете сурогат жена да ви роди дете.
Потоа ви назначуваат време кога да дојдете во Украина и да ги донесете сите податоци за претходните ин-витра. Сите други испитувања ги правите таму, не ги признаваат резултатите од Македонија или од која било друга земја.
Ние бевме само една недела во Харков, а сите анализи ги поминавме за 2 дена. Секогаш со нас беше претставник од агенцијата, кој дури и такси ни нарачуваше. Не бевме оставени сами во ниту еден момент.
Потоа агенцијата ни соопшти дека ни е дозволено сурогатство според нивниот закон и ни испратија финансиски пакети. Избравме, потпишавме договор со агенцијата и тие за неполна недела ни најдоа сурогат жена.
Таа мора да има родено најмалку 1 свое дете, да е здрава и да има поминато психолошки и физички преглед, и доколку е во брак, се бара согласност и од сопругот. Потпишавме договор и со неа, таа доби архивско бројче, се заведе како сурогат мајка и процесот почна да тече.
Потоа почнува медицинскиот дел.
Отидовме на преглед во клиниката каде требаше да правиме ин-витро. Се вративме во Македонија со препишана терапија од докторката која ме водеше и почнав да се боцкам со хормонални инјекции. Заедно со мене хормонски почнаа да ја подготвуваат и сурогат жената за пренос на нашиот ембрион.
По 2 недели отидовме во клиниката во Украина. Таму ми ги извадија и оплодија јајце-клетките, направија скрининг на ембрионот заради генетски болести или Даунов синдром, и бидејќи сè беше во ред, за 3-5 дена го извршија ембриотрансферот во матката на сурогат жената. Останатите ембриони ги замрзнавме.
Ние се вративме назад во Македонија и оттука веќе сè беше во Божји раце или во рацете на судбината.
За 15 дена прво добив порака на Вибер од мојата агентка: „Ураааа, бремени сме, ти честитам мамичке“, а потоа вечерта агенцијата ни прати и официјално известување за бременост со анализа на крвта.
Кога ја видов пораката, ми беше страв да поверувам дека е вистина. Седнав, сварив кафе и после почнав да плачам.
Понатаму сè тече како и во секоја бременост. Испитувања, скрининзи, определување на полот сè до породувањето. Ние ги добивавме сите извештаи, податоци кога првпат ќе мрдне бебето, кога најмногу „прета“, кога е мирно, како се носи со бременоста жената, дали многу повраќа, видео и лекарски извештај од секој гинеколошки преглед и секоја анализа на крв...
Дали истата жена ги носеше двете деца? Колку години имаат тие сега?
Не, не е дозволено една жена да носи по две деца во различен временски период за ист брачен пар, барем не преку нашата агенција. Исто така, таа не може да биде сурогат повеќе од 2 пати доколку децата ги родила со царски рез.
Првата жена што го носеше и го роди син ми (кој сега има 3,5 години), тогаш имаше 34-35 години. Таа беше самохрана мајка, имаше 12-годишен син и вторпат беше сурогат. Првиот пат родила девојче за еден шпански пар.
Втората жена, што ја роди ќерка ми (2), имаше 26 години, имаше своја 6-годишна ќерка и беше во брак. Живееше во заедница со свекор и свекрва и сурогатството им беше единствен начин брзо да си купат свој стан.