Македонка која доби 2 деца со сурогат-жена: „Откако не успеа ни 7-то ин витро, со сопругот се решивме за сурогат од Украина“
- Детали
- вторник, 22 август 2023
„Процедурата за сурогатство е многу едноставна. Кога некои пријатели ме прашуваа како може така, им велам: Пилињата од инкубатор чии се - на кокошката или на инкубаторот? Наскоро ќе полнам 50 години, првпат станав мајка на 46, вторпат на 48, но, ги заборавив сите неуспеси во борбата за деца. Ги паметам само убавите работи“, вели за CRNOBELO.com Македонката која двапати стана мајка со помош на сурогат од Украина.
Кога желбата за потомство и деца е преголема, некои семејства поместуваат дури и планини. Таков е случајот на жена од Скопје (50) и нејзиниот сопруг (51), кои по 7 неуспешни ин-витро процедури решиле да побараат сурогат-жена од Украина и да станат родители.
Тие денес имаат две среќни и здрави деца, син (3,5) и ќерка (2).
Во искрен и емотивен разговор за CRNOBELO.com, мајката (чиј идентитет е познат на редакцијата), раскажа за сите премрежја, за пролеаните солзи, депресијата низ кои поминале таа и нејзините блиски, но и за среќата кога им се родиле двете деца.
„Најпрво да кажам зошто морам со скриен идетитет да го правам ова интервју – на тоа нè обрзуваат договорите со агенцијата и со сурогат жените.
Иако Украина е во војна, таа е држава со правен легитимет. И тоа е една од причините, покрај табу темата за сурогаството, зошто јавно не се зборува на оваа тема“, вели таа.
Ни откри и дека оваа процедура во украинската агенција која посредувала во нивното сурогатство чини помеѓу 32.000 и 98.000 евра.
Прочитајте го интервјуто за целото нејзино искуство – зошто се решиле за сурогат од Украина, колку е сурогатството застапено кај нас или и понатаму е табу, низ кои процедури минале со сопругот пред да ги добијат децата:
Синот и ќерката ги добивте со сурогат жена од Украина... Зошто со сопругот решивте токму таму да барате сурогат и дали во Македонија постојат сурогат мајки?
Ниту една од нас мајките кои добиле деца по пат на сурогатство, не ги користи зборовите „сурогат мајка“. Законски тие се викаат така, што во превод значи „заменска мајка“, но, ние и нашите блиски, па дури и вработените во агенциите кои посредуваат во сурогатството, ги ословуваме како жените, сурогатите, носилките.
Едноставно, по сè низ што поминуваме да добиеме дете, не ти проаѓа преку уста тој збор. Мајка е една и тоа во случајов сум јас.
Украина ја избравме поради тоа што ни е најблиску, има комерцијално сурогатство и е најевтина во Европа, но, најмногу поради тоа што неколку парови за кои имавме слушнато, сите имаа деца од Украина.
Една мајка ми го пренесе своето искуство и ми објасни по ред како оди сè, па решивме дека нема што да менуваме. Кога веќе патот го пробиле и испробале други пред нас, нема ние што да експериментираме.
Тука сигурно игра улога и блискоста како народ, како менталитет, сепак се Словени.
Инаку, сурогатство постои и во Македонија, но, за жал само на хартија, бидејќи е забрането да им се плаќа на сурогат жените. И најбитното, нема регистер на сурогат мајки, што е основа за пробивање на сурогатството како процес.
Ризикот е голем бидејќи кој може да гарантира дека таа жена, откако ќе забремени со вашето дете, нема да избега во друга земја, да се породи како со свое и да ве уценува за да ви го даде.
Во Украина комерцијалното сурогатство е нормална практика над 20 години. Сè е законски и легитимно, а сурогат жените по породувањето добиваат и 3 месеци трудничко боледување.
Кога всушност решивте да побарате сурогат? Дали претходно поминавте низ сите процедури – вештачко оплодување, можност за посвојување и слично?
Откако ниту 7-то ин-витро во Прага не успеа, тоа ја прелеа чашата.
Сурогатството е последниот избор на секоја жена и последниот чекор на секој пар кој поминува низ борбата да добие дете. Ние имавме 7 ин-витра, во Скопје и во Прага.
Докторите нè убедуваа дека сè е во ред, дека сме здрави и двајцата, само е прашање на време и на упорност кога ќе останам бремена и сè уште имавме по 3-4 здрави ембриони, но, ете никако не се случуваше.
Да не зборувам за еден куп генетски, крвни и какви ли не испитувања што ги поминавме во тие 5-6 години. Ви страда телото, организмот, душата ве боли по секое неуспешно ин-витро. Се бориш со депресија, со сомнежи во себе и во докторите, што сум згрешила, кој згрешил, а одговор немаш. Не се фатил ембрионот и толку.
Накусо, колку и да се обидувам да објаснам, ништо не може да ја опише агонијата со која се соочува секоја жена во борбата да стане мајка. Само онаа што го поминала тоа знае за што зборувам.
Да не ги споменувам и последиците од хормонските инјекции и таблети кои секогаш носат ризик за развој на рак. По секое ин-витро на организмот му требаат 7 години за да се врати во нормала.
Сега пресметајте по 7 ин-витра колку му треба. Јас дури и добро поминав, има жени со по 10, 15 ин-витра. Еднставно, престануваш да броиш.
Се разочаруваше ли кога не успеваше вештачкото оплодување?
Најголемата болка и најголемите солзи (а по природа не сум плачка) сум ја почуствувала и исплакала по секој тест за бременост. Не спиеш цела ноќ од страв и исчекување за утрото на 15-тиот ден од ин-витрото да направиш тест и ги чекаш тие 2 цртки што ќе ти ја донесат веста што толку ја чекаш - а нив ги нема.
Потоа следува тешкиот дел. Како да им кажеш на сопругот, на блиските, кои исто со тебе се надеваат.
Потоа го исклучуваш телефонот, плачеш, не можеш да гледаш бремени жени и деца во количка затоа што секогаш е тука прашањето „Зошто јас не можам да забременам? Зошто не можам да имам дете?“ Тоа трае 2-3 седмици, па „се собираш“ и повторно се обидуваш за неколку месеци.