Ниургујана, потекнува од најстуденото место на светот, а сега е во Македонија: „Температурата во декември е -50°C, пиеме вода од мразот“
- Детали
- вторник, 22 декември 2020
Оваа 30-годишна девојка потекнува од мало зафрлено сибирско село во најстудената област на светот Јакутиа. Таа моментално престојува во Македонија и ексклузивно за CRNOBELO.com открива како изгледа животот во нејзиниот роден крај.
Дали сте чуле досега за Јакутск, најстудениот град на светот? Ниургујана Осипова е 30-годишна девојка која потекнува од мало сибирско село кое се наоѓа во областа Јакутиа, на која главен град ѝ е токму Јакутск. Нејзиното село се вика Orosu и има население коe брои помалку од 1.000 жители.
Таа периодов престојува во Македонија, а ние ја искористивме пригодата тaa за CRNOBELO.com ексклузивно да раскаже како изгледа животот во најстудениот град на светот, каде периодов температурите се околу -50°C. Инаку, вљубеник е во патувањата и во последните години живее низ разни држави во светот.
За тоа како стигнала во Македонија Ниургујана вели: „Искрено никогаш не планирав да патувам низ балканските земји, но поради ситуацијата со корона пандемијата Балканот испадна како најдобра опција. Но, навистина уживам во престојот тука, не очекував дека ќе видам толку убави места, ќе запознаам фини луѓе и ќе вкусам одлична храна“.
Ниургијана ни раскажува за начинот на живот во најстуденото место на светот, каде пораснала:
„Во Јакутиа има население од 964.000 жители. Прв јазик ми е јакутскиот јазик, а потоа учев руски јазик на училиште.
При едно патување во Турција запознав доста луѓе оттаму кои знаат дека нивните предци биле од Јакутиа. Со турскиот јазик имаме многу заеднички зборови и слична граматика.
Животот во Јакутиа е ист како секаде, но ние ги имаме најдолгите и најстудените зими и многу кратки лета. Зимата трае од почетокот на октомври до крајот на април.
Поголемиот дел од времето го минуваме дома, но не сопираме со дневните активности како одење на работа, на факултет, на кафе, во театар или на некоја забава, само училиштата и градинките имаат одредени граници под кои температури не се посетува настава.
Потребно е само да носите многу облека.
Јас пораснав во малото село Orosu (областа Verkneviluyskiy) далеку од нашиот главен град Јакутск, а ако пораснете во село на Сибир ќе знаете како да работите напорно и ќе ја сакате работата.
Уште од детството ние знаеме како да ставиме дрва во оганот за да го загрееме домот, да донесеме мраз од езерото (вода која се пие во зима, додека водата од снегот не ја пиеме), да готвиме, да ловиме риби, да ловиме животни, да се грижиме за градината и фармата.