Анита Тасева: „Бев на Кочулските Водопади во близина на Валадово, малку се измачив со патеката, но вредеше“
- Детали
- вторник, 28 март 2023
„За Кочулските водопади, во близина на градот Валандово, слушав многу убави работи од луѓе што ги посетиле, па одлучив и јас да ги посетам. Кога стигнав на крајот од селото Бајрамбос ме пречекаа пријатни мештани и ми кажаа насоки за водопадите...“
Анита Тасева од Нов Дојран, вљубеник во природа и планинарски тури, за CRNOBELO.com говори за една од нејзините омилени дестинации во Македонија, а тоа се Кочулските Водопади во близина на градот Валандово.
Анита споделува какво искуство ѝ била посетата на Кочулските Водопади:
„Како дете израснато на село и опкружена со природа, отсекогаш ме привлекувале откривања и запознавање на нови природни богатства кои ни ги нуди нашето македонско поднебје.
По многу посетени туристички места, цркви, манастири итн., некако ми недостасуваше да ја запознаам и природата која не е така лесно достапна, па одлучив да се приклучам кон планинарењето, каде имам можност да го почувствувам звукот и мирисот на природата.
За Кочулските водопади, во близина на градот Валандово, слушав многу од луѓе што ги посетиле, па си ставив за цел дека морам и јас да видам за што станува збор.
Живеам во Дојран, па тргнав кон Валандово преку турските села Чалакли и Башибос до Бајрамбос (дотука води асфалтен убав пат).
Патував 35 километри од Дојран, а од Валандово водопадот е оддалечен околу 17km. Дотука може да се дојде и со обично возило.
На крај од село Бајрамбос, покрај самиот пат, се наоѓа фарма со крави која ја имаат мештани од селото, луѓе кои се многу пријатни и гостољубиви и несебично раскажуваат на секој добронамерник како да се стигне до водопадот.
Оттука нагоре продолжува земјен пат кој е погоден за теренски возила, недалеку над селото се пристигнува до патеката која води накај водопадот.
На самиот почеток на патеката има летниковци за излет каде има можност да се приготви и скара до летниковците и има чешма со природна планинска вода.
Патеката ме насочи кон падините на Беласица од каде се наслушнуваше звукот на течението на реката.
Самата патека е обезбедена со огради на критичните места бидејќи пределот е стрмен, долж патеката има поставено клупи и корпи за отпадоци каде може да одморите, доколку не сте во добра кондиција (овој дел од патеката е долг околу 600 метри).