Зошто многумина тврдат дека француските келнери се некултурни?
Дали сте биле на кафе и кроасан во Париз или можеби на чаша добро вино и вкусен оброк? Какво искуство имате со келнерите таму?
Можеби веќе сте биле во Франција, но и да не сте, сигурно сте слушнале дека француските келнери ги бие глас дека се некултурни. Особено, филмовите ги портретираат во лошо светло.
Причини зошто некои луѓе ги проценуваат француските келнери како некултурни:
Може да не ви помогнат да го разберете менито
Во зависност од тоа каде сте во Франција, но особено ако сте во Париз, на менито најверојатно ќе има англиски превод. Па, на келнерите им е здодеано на реката туристи постојано да им преведуваат кога веќе го имаат тоа пред себе.
Исто така, ако прашате за некои поконкретни детали за јадењето, може да не ви одговорат, но не затоа што се некултурни, туку затоа што многу специфични термини не знаат како да ги преведат на англиски.
Во некои мали места во Франција келнерите може дури и воопшто да не знаат англиски.
Ако сакате пољубезен однос од келнерот, испочитувајте го така што барем ќе се обидете да го поздравите на француски.
Не се смеат многу
Келнерите во Франција се професионалци и тоа е професијата што ја избрале за цел живот, а не нешто привремено. Тие не сметаат дека ви служат вас, туку дека ја служат храната.
Плус, работат на фиксна плата, а не на бакшиш, па затоа не се премногу пријателски настроени.
Сепак, ако сакате насмевка на крајот би било добро да им оставите бакшиш.
Не прифаќаат барања за замена на состојки во јадењата
Кога нарачувате јадење во Франција го консумирате такво какво што е во менито.
Готвачот го смета своето дело за уметност, па не сака келнерите да му носат пораки кои состојки во него да бидат заменети.
Може да не се вратат откако ќе ви ја послужат храната
Откако ќе ви го послужи јадењето, келнерот може да не дојде повторно и вам да ви изгледа дека ве игнорира. Но, тој на тој начин всушност ви покажува почит со тоа што ви дава простор на уживате на мир во оброкот.
Тој не сака да ви пречи додека уживате со пријателите или семејството во добрата храна и вино.
Кога нешто ви е потребно тој очекува сигнал од вас. Штом завршите со јадењето ставете ги ножот и виљушката прекрстени на чинијата. Тоа е знак дека сте готови и дека келнерот може да ги крене чиниите.
С. С. | Црнобело