Евтини домови, половни автомобили: Навиките на најскромните милијардери на светот
Тие се навистина внимателни со парите и не сакаат парите да им влијаат премногу на промена на начинот на живот.
Тие имаат милијарди на своите банкарски сметки, но сепак во многу аспекти водат скромен живот.
Некои од нив живеат во истите домови повеќе од 50 години, други возат половни автомобили и не носат мобилен телефон со себе.
Навиките на дел од најскромните милијардери на светот:
Ворен Бафет - богатство од 91.7 милијарди долари
Извршниот директор на Berkshire Hathaway сè уште живее во истата куќа што ја купил во 1958 година за 31.500 долари.
Скромниот милијардер, исто така, не носи мобилен телефон со себе и нема компјутер на работното биро.
Во 2014 година тој откри дека не сака парите да му влијаат на начинот на живот и дека ако имал 6 или 7 куќи нема да бил посреќен од тоа што е сега.
Карло Слим - богатство од 66.5 милијарди долари
Основачот на Grupo Carso живее во истата куќа со 6 спални соби веќе 40 години. Наместо да троши на луксуз, Карло го инвестира своето богатство во разни компании.
Најбогатиот човек во Мексико, кој е дел од бизнис мрежата и во Македонија, не сака приватни авиони и јахти и сака домашно приготвени оброци од својата сопруга.
Тој, иако има скапа вила на Менхетен и вредни уметнички дела, вели дека најголемиот дел од заработените пари сака да ги реинвестира.
Чарли Ерген - 15.2 милијарди долари
Директорот на Dish Network вели дека не сака мебел од махагони и расфрлање со пари.
Тој сè уште си пакува сендвич од дома секој ден пред да појде на работа, а до неодамна и ги делел хотелските соби со колегите за време на патувањата.
Азим Премжи - богатство од 18.4 милијарди долари
Директорот на Wipro Ltd. вози половни автомобили и секогаш ги потсетува вработените да ги изгасат светлата пред да си заминат од канцелариите.
71-годишниот индиски тајкун сè уште лета со економска класа.
С. С. | Црнобело