„Некако здебелена ми се гледаш“ - работи што си ги кажуваат жените за да предизвикаат несигурност

Да се има добро женско друштво опфаќа многу повеќе од некој со кого ќе испиете десетина текили на излегување. Пријателките треба да бидат еден вид сигурносен столб и да прават да се чувствувате среќно, сигурно и самоуверено.

Nekako-zdebelena-mi-se-gledas-01.jpg

Понекогаш партнерот може да каже нешто што ќе ве натера да се чувствувате несигурно во себе, но кога коментарите доаѓаат од жени, тогаш чувството е уште полошо.

Тешко е да се соочиме со предрасудите и мислењата на другите жени околу нас.

Но, што ги поттикнува да ги даваат тие коментари кога воопшто не се запрашани? И што најчесто си кажуваат жените едни на други и си ја поткопуваат самодовербата?

Ми се гледаш некако здебелена, нели?

Добрите пријателки нема да го начнат први ова прашање, дури и доколку разликата во вашите килограми е и повеќе од очигледна. Ова е едно од прашањата кои најмногу провоцираат и предизвикуваат несигурност кај жените.

Но, исто така, ова е и најбрзиот начин поради кој ќе започнете да се преиспитувате себеси. Според психолозите, кога една жена го коментира физичкиот изглед на друга жена таа всушност се чувствува несигурно првенствено со сопствениот изглед.

Наместо да се слави убавината колку и да е различна, излегува дека жените се натпреваруваат една со друга.

Следниот пат кога ќе добиете коментар поврзан со вашите килограми, имајте на ум дека личноста од која доаѓа истиот е несреќна и несигурна во себеси.

Обидете се да пронајдете трошка емпатија, но бидете одлучни кога ќе кажете дека вашата тежина не е предмет на дискусија.

Сигурна ли си дека тој е вистинскиот за тебе?

Кога отворено ѝ кажувате на пријателката дека не се согласувате со нејзиниот љубовен избор, однесувањето придонесува до конфликт и оддалечување една од друга.

Кога некоја девојка/жена избира партнер за себе таа го става срцето на коцка, а да се слушне како друга жена го критикува нејзиниот избор прави уште толку да се преиспитува себеси.

Доколку не ви се допаѓа партнерот на својата пријателка наместо веднаш да ѝ дадете до знаење како се чувствувате во врска со него, едноставно имајте на ум дека вие не сте најважната личност околу која се врти светот и верувајте дека таа има доволно капацитет да процени дали некој е или не е доволно добар за неа.

Понекогаш ваквите коментари се упатуваат со добри намери, но на крајот од денот никој не знае што е подобро за вас отколку вие самите.

Премногу си чувствителна!

Кога една жена ве обвинува дека сте премногу чувствителни со некој потсмешлив тон во изговорот, тоа значи дека се обидува на некој начин да ве инкриминира и да го избегне извинувањето кое ви го должи од каква било причина.

Кога слушате од некоја друга жена дека сте премногу чувствителни, тоа се доживува како знак на слабост. Многумина ќе дополнат и дека сте „деликатни“ или „нестабилни“.

Наместо да се расфрлаат со такви непотребни констатации, ваквите жени треба да ги преиспитаат своите постапки и да понесат одговорност за своите внатрешни емоции и дејствија.

Бидејќи емоциите не се нешто срамно, ниту сензитивноста е карактерна одлика за која треба да им се извинувате на другите за да се чувствуваат попријатно.

Другата пријателка не го прави тоа

Премногу вообичаено е жените да се споредуваат едни со други. Особено мачно е кога ќе слушнете дека некоја друга пријателка реагира поинаку од вас.

Треба да се запамети дека сите сме различни индивидуи и сите реагираме различно на ситуациите, што не е нешто негативно.

Кога една жена ве споредува со некоја друга пријателка или колешка, сака да ви поттикне чувство на инфериорност или да предизвика искра на натпревар меѓу вас двете.

Доколку вашите пријателки постапуваат и реагираат поинаку–радувајте се на овие различности, наместо да се обидувате сите да ги сместите во еден ист калап.

Премногу сум зафатена

Дали имате пријателка која е постојано зафатена со некакви активности? Толку зафатена што не може да одвои ниту половина час неделно за едно кафе?

Чувството дека пријателката нема иницијатива да одвои малку време за дружба со вас може да ве натера да започнете да се сомневате во пријателството.

Бидејќи кога некој нема време за вас тоа прави да се чувствувате небитно. Разбирливо е дека сите сме зафатени, но доколку постојано повторувате колку сте зафатени, можеби сакате да ѝ дадете до знаење на пријателката дека не ви е приоритет во животот или пак да ѝ предочите дека треба да се зафати со повеќе активности како вас.

Во секој случај, ова однесување е лошо и непријателско.

Не можеш да имаш сè во животот

Доколку сте амбициозна жена која истовремено ги цени семејните вредности и ужива во друштвото на пријателите, ќе се пронајдете како мета на многу озборувања.

Многу жени ќе си земат за право да ви префрлат дека не можете да имате сè што ќе посакате. Со нивните коментари ќе ви наметнат грижа на совест дека не им се посветувате доволно на децата, сопругот или дека не сте доволно фокусирани на работата.

Жените кои најчесто ви ги упатуваат овие коментари самите потајно посакуваат да го имаат сето она што го имате вие, но ниту имаат волја ниту капацитет за реализација на истото.

Бидејќи се далеку од постигнувањето на ваквите цели, следната цел е да направат вие да се чувствувате несигурно во врска со сопствениот живот како тие со нивниот.

Не можеш да го направиш тоа

Некои жени уживаат во процесот на разнишување на туѓата самодоверба. Едноставно се хранат кога ќе упатат трошка сомнеж кон некоја друга жена. Доколку личноста кон која е упатен коментарот е малку полабилна, таа трошка ќе започне да расте додека не стане огромна топка која ќе ѝ застане во грлото.

Но, затоа бидете од другата група жени на кои овие коментари им делуваат како дополнително гориво и мотивација за остварување на целите.

Треба/Не треба да останеш дома со децата

Како жените да не чувствуваат доволно притисок од страна, па потребно е друга жена да ја советува дали треба или не треба да остане дома и да се грижи за децата.

Врпочем, секоја жена си знае најдобро за себе. Доколку таа реши дека треба да се врати на работа, а децата да тргнат во градинка–тоа е нејзина одлука, а вие како пријателка треба да ја почитувате.

Доколку смета дека е попотребна дома и треба да остане да се грижи за децата до одредена возраст – повторно треба да си го држите јазикот во устата.

Навистина треба да ја пробаш оваа диета

И повторно се враќаме кон првата констатација – коментирањето на надворешниот изглед. Освен ако вашата пријателка изрично не ви побара помош, немате никаква потреба да се мешате во нејзината кујна.

Само затоа што сте нечија пријателка, истото не ве прави дежурен коментатор на нејзиниот живот.

Многу жени не ја надраснуваат фазата од средно училиште кога се несозреани и не размислуваат доволно за последиците од своите зборови и постапки.

Кога една жена ѝ праќа порака на друга жена дека не ѝ се допаѓа нејзиниот изглед, начинот на кој се изразува, емоциите и амбициите кои ги манифестира, започнува процесот на негативно соочување, промена на енергијата и зачетокот на фрустрации кои полека ја разнишуваат самодоверба на „нападнатата“ жена.

Таа започнува панично да се преиспитува себеси. Дали сум доволно добра, дали сум доволно убава, згодна, паметна, доволно добра мајка и домаќинка?

Паметните жени веднаш го прекинуваат овој процес на самоиспитување и ги одбиваат коментарите упатени на нивната адреса.

Несигурните пак дозволуваат коментарите од другите жени да се прилепуваат на нив како на тефлонско тавче и од немоќ, фрустрација и несигурност започнуваат да упатуваат исти такви коментари кон други жени.

Не бидете од втората категорија на жени и скршете го тој магичен круг на женска злоба.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Низ илустрации: 8 докази дека децата денес и пред 50 години се разликуваат како небо и земја Порано децата знаеја како да си го поправат велосипедот или да направат куќичка ...
Правила и забрани кои жените Амиши мораат да ги почитуваат Не смеат да ја потстрижуваат косата и од нив се очекува да бидат домаќинки кои ќ...
Мажите си ги разменуваат жените, имаат секс по 5 пати на ден: Факти за Бушманите Поим за убавина им се жените со голем задник, пушат халуциногена билка и имаат с...
Застарени (женски) навики што ги научивме од мајките и бабите и треба да ги заборавиме Треба да носиме градник по дома, срамно е мажите да купат влошки за жените и мор...
„Нема да се омажам за тебе“: 8 жени открија зошто ги одбиле своите партнери „Ме побара за сопруга и ми рече да си ставам тетоважа ‘приватна сопственост, заф...
Без предрасуди и табу теми - Како треба да се однесува жената во 40-тите? Треба да сака со целата своја сила, да патува во светот, да си најде љубовник ак...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg