12 трендови кои ќе доминираат на Инстаграм во 2018 година
Скандинавскиот стил ги обележа фотографиите во 2015 година, мермерoт беше во фокусот за време на 2016 година, додека во 2017 година царуваа розовата боја и трендовските модни додатоци. Какви фотки нѐ очекуваат догодина?
Досегашните објави веќе ни наговестија што ќе гледаме на Инстаграм во 2018 година. Сите мотиви ги собравме на едно место, откривајќи ви ги темите што ќе доминираат на популарната социјална мрежа наредните месеци.
Па, доколку сте вистински инста-зависник, подгответе се за дванаесетте трендови, коишто везден ќе ги гледате и лајкувате:
1. Луксузни купки
Со милиони хаштагови посветени на бањата, стандардното селфи од када веќе е предосадно клише на Инстаграм. Решение? Луксузна купка, која покрај пена, во себе ќе содржи и егозотични цвеќиња или колоритни цитрусни овошки.
2. Поза со раширени нозе
Дрскиот став на фотките се враќа во мода, носталгично евоцирајќи спомени на ’90-тите години од минатиот век. Новата хит поза на Инстаграм веќе ја промовираа ѕвездите, сликајќи се со раширени нозе уште годинава.
3. Светки и блесок
Kira Kira апликацијата внесе дополнителен сјај и гламур во објавите на познатите личности, а се очекува трендот за светки и блесок на фотографиите, масовно да биде прифатен и од сите „обични“ смртници во текот на 2018 година.
4. Крупен кадар
Деталите се многу појасни кога се фотографирани одблизу, зар не? Наредните месеци, најголем пропуст ќе биде доколку на следбениците не им ги прикажете важните нешта од вашето секојдневие во крупен кадар.
5. Мозаик
Некогаш, класичниот мермер беше сеприсутен на Инстаграм. Меѓутоа, сега сосема го замени „терацо“ мозаикот. Па, во 2018 година, бидете подготвени уште почесто да го гледате како подлога на фотографиите.
6. Обични локации
Нема сомнеж дека високата мода и скапите ресторани делуваат раскошно и фенси на фотка, но дали се реалистични? Наместо снобизам, овој тренд промовира поприземни сцени и сосема секојдневни места, како што се нискобуџетните ресторани за брза храна. На колкумина ќе им биде тешко да се откажат од имиџот на елита?
7. Титли
Не е познато од кого и кога точно започна трендот, ама култните реплики од филмовите и телевизиските серии, или, пак, цитати кои за навек ќе се паметат, брзо ги освоија корисниците на Инстаграм. Особено тие што се напишани со ретро фонт, неодоливо потсетувајќи на титлите што во ’80-тите и ’90-тите години се прикажуваа на малите екрани.
8. Боб фризура
Шишките во облик на „завеси“ ја обележаа годината што изминува. За следната, пак, боб фризурата се издвојува како главен фаворит да се искачи на тронот. И тоа не било каква, туку со конкавна форма, инспирирана од изгледот на Мишел Фајфер во филмот „Scarface“.
9. Камуфлажа
Ви текнува на позерските фотки на блогерките пред празен бел ѕид? Тие се минато свршено време. Максимализмот е мегатрендот што доаѓа, а визуелниот хаос на сликата е еден од начините да го постигнете. За минималистите, пак, фотографијата на која главниот субјект суптилно се слева со позадината, претставува актуелната „ин“ уметничка форма.
10. Богати ентериери
Помалку е повеќе? Веќе не. Заборавете на белите кревети и килими од IKEA. Eдноставно, тие не привлекуваат внимание како некогаш. Па, 2018 година ќе биде во знакот на богатите ентериери, каде доминираат кралските мотиви. Кадифениот мебел, барокниот дезен и златните орнаменти се само дел од нив.
11. Киосци
Трендесерките обожаваат да читаат печатени магазини и списанија. Претстојната година ќе имате прилика да видите и од каде точно ги купуваат, бидејќи позирањето пред киосците за весници, претставува уште еден од дванаесетте најавени трендови.
12. Стаклeни градини
Фотките со кои лажните џетсетерки ви се смешкаа од приватни авиони се исто така демоде. За среќа, на нивно место доаѓа еден мошне кул простор за сликање. Инфлуенсерките одбраа следните месеци да се фотографираат во амбиент на стакларници и оранжерии. Многу подобра варијанта е од фејк летови, нели?
М. А. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





