Ќе ви го свртат умот со зборови: Фрази кои често ги користат психопатите
Ги замислуваме како ладнокрвни убијци, или, пак, генијалци, изолирани од општеството и поинакви од обичните смртници.
Меѓутоа, проценките се дека психопатите сочинуваат 1% од популацијата, па веројатно и самите сте запознале барем еден во животот.
Иако постои детален список на особини кои тие ги поседуваат, понекогаш е тешко да ги препознаете во кратките секојдневни разговори.
Наместо на особините, би требало да обрнете внимание на фразите кои тие ги користат, советува авторот Џексон Мекензи.
Тој напиша книга за однесувањето на психопатите, а е и коосновач на онлајн платформа, каде нивните „жртви“ ги споделуваат своите искуства на оваа тема.
Петте фрази кои психопатите често ги користат се следните:
1. „Премногу ги анализираш работите.“
Можеби навистина сте претерано окупирани со ситниците. Сепак, разликата е во тоа што со таквите обвинувања, психопатите почесто сакаат да поттикнат чувство на вина кај жртвата, наместо тие самите да ја прифатат одговорноста за своите дела.
Ним целта им е да ве натераат да се посомневате во сопствената интуиција. Да се почувствувате како луди детективи, така што вас ќе ве обвинуваат за сѐ она поради кое се чувствувате лошо.
2. „Мразам драми.“
Се разбира, наскоро ќе сфатите дека тоа не само што не е вистина, туку околу нив има повеќе драма, одошто сите други луѓе кои ги познавате. Тие се патолошки лажговци, сериски прељубници и секако – вечни жртви.
А, секој пат кога ќе им ја изразите вашата загриженост или фрустрација, тие ќе ви сервираат изјава за својот презир кон драмите, правејќи да зажалите што сте изреагирале на нивното ужасно однесување.
3. „Погрешно ме разбра.“
Одново, важен е контекстот. Недоразбирања и грешки во комуникацијата се случуваат секому. Но, кога се психопатите во прашање, тие намерно ве провоцираат, а потоа ви велат дека погрешно сте ги сфатиле.
Честопати, дури и негираат дека воопшто кажале такво нешто. Меѓутоа, факт е дека вие совршено сте го слушнале и разбрале кажаното, а тие прават да се посомневате во вашиот здрав разум.
4. „Претерано си чувствителен!“
Неспорно е дека психопатите ги предизвикуваат и играат со чувствата на другите луѓе. Тие така функционираат. Прво ќе ве туркаат до точка на пукање, па потоа ќе ве наречат пречувствителни.
За само неколку седмици, можат и исклучително отворената, дружељубива и самоуверена личност, да ја трансформираат во тотален хаос од несигурности и сомнежи во себеси.
5. „Луда си, биполарна, љубоморна, огорчена, заљубена во мене...“
Вообичаено, со навреди започнуваат тогаш кога нештата забрзано ќе тргнат во надолна линија. Психопатите имаат тенденција да ги обвинуваат другите дека се луди, или, пак, да тврдат дека тие личности се вљубени во нив.
Поранешните љубовници, колеги или пријатели им се ненормални, биполарни, љубоморни, огорчени... А, кога и самите ќе се најдете на списокот, дел од нив повторно ги враќаат во игра, па кругот никогаш не престанува.
Излезете од таквиот однос. Единствениот пат е да прекинете секаков контакт. Без пораки, повици, електронска пошта, па дури и пријателства на социјалните мрежи. Инаку, ќе направат сѐ за да ве излудат.
М. А. | Црнобело