Креативни хобија кои ќе ви го разубават секојдневието
Креативноста кај луѓето не се поврзува само со некој одреден талент или посебна вештина што ја развиле. Во последно време, стресот сé повеќе владее со нашите животи, па затоа е убаво да имаме некое интересно хоби настрана од работните обврски, кое ќе нé исполни и ќе ни ги разубави деновите.
Токму креативноста е она што ќе нé опушти и ќе нé ослободи од стресното живеење.
Овие неколку хобија се забавни, не се на ниеден начин поврзани со компјутерот и позитивно влијаат на расположението:
Плетење или везење
Според најновите истражувања, плетењето и везењето поттикнуваат позитивни хормони во организмот и значително го намалуваат стресот.
Ослободете ја креативноста и научете една од овие вештини. Не мора да создадете којзнае какви шалчиња или комплицирани везови.
Доволно е само да се опуштите и да го ослободите умот.
Цртање или боење
Не мора да имате дарба за да цртате. Купете си моливи, дрвени или водени боички и седнете да нацртате нешто. Веднаш ќе се чувствувате посмирено.
Во последно време се актуелни и боенките за возрасни, па можете да си купите една од книжарница и да ја пополнувате секогаш кога ќе имате слободно време.
Декупаж
Техниката наречена декупаж се препорачува и за деца и за возрасни.
Со салфетки со интересен дезен се украсуваат разни површини – вазни, шолји, Велигденски јајца и слично.
Со оваа техника можете да направите уникатни уметнички дела по ваш вкус.
Обновување на стар мебел
Ова можеби не се смета за хоби, но секако е интересен начин да го поминете слободното време.
Кога ќе имате слободно попладне, или за викенд, земете парче стар мебел – фиока, шкафче, стол и слично и дајте му нов изглед.
Комбинацијата од умствена и физичка работа ќе ве релаксира, а истовремено и ќе ги освежи мозочните ќелии.
М. В. | Црнобело