Сервис за души
Си било едно момче кое си живеело со своето семејство. Тоа било обично момче што редовно одело на училиште, редовно ги пишувало домашните задачи, редовно гледало телевизија, редовно било културно, љубезно, фино. И се било како што треба, се до едно утро кога момчето одбило да стане од креветот. Лежело така скаменето, без волја за ништо...
Родителите, виделе не виделе, го однеле на сервис за човечки души. Човекот што работел таму, мајсторот за души човечки, рекол дека се расипал издржувачот за маки. Почнал да чепка во душата на момчето, почнал да го рони бигорот од болките кои се таложеле, кои се вкорениле внатре, кои создале едно перде од кое момчето не можело вистински да гледа во животот.
Отпрвин чепкал сам, а потоа, полека очите на момчето добиле сила да погледнат внатре, да погледнат позади пердето, да го исплачат она што требало да се исплаче, за да можат да се израдуваат кога требало да се израдува. И научиле да погледнат луто кога треба луто да се погледне, научиле да се рашират од љубопитство, научиле да светнат од љубов кога ќе видат некого драг, да свенат од тага кога некој друг страда. За чудо, кога тоа се случило, издржувачот за маки сам од себе се поправил.
Момчето се вратило дома каде сите среќно го пречекале. Но, уште првиот ден, почнале да се случуваат чудни работи. Наместо да си оди во соба кога започнале кавгите, тоа сакало да знае зошто кавгата настанала. Следниот ден добило единица во училиште, но не се вратило дома со солзи, а што е уште почудно, на прекорите од родителите рекло дека единицата не е конечен доказ за неговата вредност како ученик и како човек. Отишло во паркот и не се вратило за време на ручекот, а во времето кога обично гледало телевизија, седнало да ги црта дрвјата во дворот и да прави слични други бескорисни работи.
Момчето било среќно, но никој од домашните не биле задоволни од промената (или можеби не знаеле зошто и како да бидат задоволни).
Момчето почнало да размислува дали да се врати на стариот и веќе разработен систем на преживување (кој му изгледаше за побезбеден) или да го зачува новиот систем кој допрва треба да го создава. Дали да се врати онаму каде што е познато и сигурно, каде што не мора да се бори, каде што треба само да се плаши?
Ја чувствуваше промената како своевидно умирање и започнување на нов живот. Сакаше да се промени, а сепак да остане ист. Измешани чувства ја поплавија неговата душа.
Во неговото семејство отсекогаш владееше сфаќањето дека е срамота да се плаче, дека тоа е забрането. Едноставно, неприфатливи беа новодојдените солзи на оној кој цело време бил учен да биде силен и цврст маж. Од момчето се бараше да си ја игра досегашната улога во театарот наречен семејство. Настојувањата беа гласни и покрај тоа што момчето велеше дека е сосема среќно со својата одлука за промена. И се промени, научи како да живее. Тоа момче порасна, стана среќен, смирен и храбар маж и денес води исполнет живот.
Автор: М.К.