Вдишувајте со полни гради, живејте со страст
„...Животот е море, а човекот – кораб.Умот е сидрото на тој кораб, срцето е едро, а страста – ветер во тоа едро.Каква полза од едро без ветер?“ Вештица – Венко Андоновски...
Навистина, каква полза од едро без ветер? Што е животот без страст за живеење? Постои миг во нашиот живот кога ќе сфатиме зошто сме тука, но никогаш нема да дознаеме до кога, бидејќи ако го знаеме тоа ќе ја изгубиме смислата на животот, на нашето живеење. Кога ќе се пронајдеме себеси во овој мал свет ќе најдеме мир за душата.
Светот ќе почне да си ги менува боите и кислородот кој го вдишуваме ќе биде најголемиот доказ дека сме живи. Не ни треба посебна филозофија за живеење, бидејќи добрината и љубовта би требало да бидат наша филозофија, стил на живеење. Доволно е да предизвикаме насмевка на лицето на некој што ни значи, да го сакаме сонцето кое симболизира живот, да научиме да ги прифаќаме луѓето околу нас такви какви што се, без да се трудиме да ги промениме.
Да си простуваме самите на себеси за да можеме да им простиме на другите, да ги цениме миговите кои иако мали, можат да не направат среќни. Да сонуваме, затоа што не е грев да се сонува, затоа што понекогаш фантазијата е поважна од знаењето.
Подарувајте време и внимание.Не бидете подобри од другите, туку подобри од тоа што сте. По секој дождлив ден, доаѓа виножитото! И тогаш на површината испливува страста за живеење. Да се биде сега и тука. Затоа што никој не знае што носи утре. И сега почнав да размислувам за своите постапки:
Секојдневно пронаоѓајте се во страниците на секоја книга што ќе ја допре вашата дланка, обидете се од секоја книга да ја исцрпете сета мудрост што така невино се сокрила таму...
Нурнете во музика која ви ги буди сетилата и нека вашите спомени танцуваат во ритамот на животот.
Бидете секогаш искрени, доволни на себеси со смисла за хумор токму кога тоа е најпотребно.
Не грижете се за критиките затоа што никој досега не подигнал споменик на критичар.
Останете верни на своите очи очи, срцето и разумот, па макар тие не биле во право. Вие сте Вие, едни и единствени. Никогаш повеќе природата нема да ве создаде повторно, затоа што секој од нас е уникатен примерок на љубовта.
Сега се вашите пет минути. Секој ги доживува токму сега и никогаш нема да доживеете реприза. Бидете тоа што сте и живејте го мигот. Мигот кој е целиот наш живот. Во тој миг ние ја вложуваме сета своја енергија, сите свои емоции за да бидеме нешто повеќе.
И на крајот пак се враќаме на она првобитното: човекот е кораб во морето, неговиот ум е сидро, неговото срце едро, а љубовта и страста ветер во тоа едро. И бидете тоа што сте, живејте, сакајте и радувајте му се на секој нов ден.
М.К | Црнобело