Книгата за мојот живот треба да се допише!
Станав, си направив кафе и седнав да пишувам.
Пред да заспијам секоја вечер мислите ми раскажуваат приказни кои се фасцинантни, наслови кои никогаш нема да се заборават.
Кога слушам што кажуваат меѓу редови, ги раскажуваат моите грешки, непромислени работи, гревови, моменти на самосожалување, моменти на самоубиство, моменти на верба, моменти на неверување, двоумење, страв, восхит, љубомора, исплеткани чувства кои никако не можат да се отплеткаат…
Не е важно… овие се зборови кои ги користам секогаш кога ќе ми снема инспирација на почетокот на текстот бидејќи сум толку фокусирана да го визуелизирам нејзиниот крај, а почетокот e сè уште незавршен.
Таква сум јас, истото го правам со животот.
Сакав да му дадам крај, а тој уште не почнал за мене. Не е важно…
Така направив со сите личности во мојот живот. Ги отфрлам пред да ги запознаам.
Стравувајќи од нивната неискреност, непочит и нож во грб секогаш кога ќе се завртам.
Сега се запрашувам зошто го правам тоа, дали јас сум безгрешна?
Дали не барам втора шанса? Дали немам гревови, дали не се каам за истите, дали немам забодено нож во грб?
Имам, сè од кое стравувам е она што некогаш сум го правела. Но, пораснав. Се промени моето размислување, однесување и почитување кон останатите.
Се однесувам за восхит, да ме гледаш и да ти е мерак што си ме запознал. Да се гордееш со мојот ум, моето размислување, мојата перспектива, моите соништа во кои после неколку реченици изустени од мене ќе се увериш дека ќе ги остварам.
Вистина, јас сум за пофалба. Еве се фалам и самата. Но, што вреди кога не можам да заспијам мирно кога ќе ја ставам главата на перница.
Ми фали добриот сон да ме прегрне како некогаш, кога бев дете и ништо не разбирав. Ми фали безгрижноста. Ми фали чистината која ја носев во себе, ми фали наивноста…
Гледам што е добро, а што лошо, ги разликувам, не го практикувам второто. Но, грешките се тука за да ме потсетат дека некогаш сум го практикувала.
Еве сега ќе се оправдам, оправдајте се и вие. Вие сте сами на овој свет! Доволно е да сфатите дека сте згрешиле и да чекате да ви биде простено, без разлика дали ќе чекате до крајот на вечноста.
Се оправдувам, па што?
Од денес, почнувам ново поглавје во книгата наречена живот. А мојот е мошне интересен меѓу другото.
Почнувам ново поглавје, на нова страница, не ја менувам книгата, го менувам ракописот.
Книгата треба да се допише…