Најчестите прашања за хотелите: Што се случува со полуискористениот тоалет? Или ако некој умре во хотелска соба?
Дали некогаш сте се запрашале што всушност се случува со неискористените средства за хигиена во хотелските тоалети? Или што прави хотелот ако почине гостин за време на неговиот престој?
Џејкоб Томски има работено во врвни хотели во Њу Орлеанс и Њујорк и одлично ја познава хотелската индустија. Тој е вистинскиот човек за да одговори на сите прашања кои отсекогаш сте сакале да ги знаете во врска со хотелите.
Кои предмети гостите најчесто ги земаат од хотелите?
Според Томски, без сомнеж, тоа се предметите за лична хигиена и бањарките. Но некои гости одат навистина предалеку и земаат се што може да се земе - прекривачи за кревет, канти за отпадоци, далечински управувачи... Буквално, се што не е приковано.
Со кои кражби гостите вообичаено се извлекуваат?
Иако во филмовите е различно претставено но гостите најчесто се извлекуваат со крадењето на фамозната хотелска бањарка.
„Да претпоставиме дека само што сте влегле во хотелската соба, сте ја земале бањарката, сте ја ја спакувале во куферот и потоа сте се јавиле на рецепција за да пријавите дека во собата немало никаква бањарка кога сте влегле, што можат да направат вработените? Да ви го пребараат багажот? Тоа нема да се случи“, објаснува Томски
Што се однесува до крадењето на предмети за лична хигиена, интересно е што гостинот секогаш може да побара уште. Добрите хотели секогаш имаат (бесплатни) дополнителни предмети како влечки, креми за бричење и бричеви, мини дезодоранси кои не се оставаат во собите, но се достапни како гостинот ги побара.
Ако излажете дека не сте го користеле минибарот, дали навистина хотелот ќе ви наплати?
„Минибарот е најфаличниот систем во хотелот“ признава Томски.“ Човечки грешки, премногу надополнување, ненавремено надополнување, погрешни пресметки бидејќи некои продукти биле подигнати, но не биле консумирани... Сите овие нешта предизвикуваат вработените на рецепција секој ден да трошат часови одбивајќи ги неточните трошоци од сметките на гостите“.
Најголемата заработувачка на хотелите доаѓа од издавање на соби и затоа тие се многу повеќе заинтересирани за тоа како гостинот си поминува и дали ќе остане и другпат во истиот хотел. За хотелиерите, навистина не е важно дали гостинот изел чоколатце од минибарот или не.
Ако некој продукт од минибарот не се искористи додека да му помине рокот на употреба, тогаш тој продукт се заменува со друг.
Колку време е потребно за да се исчисти една хотелска соба? Има ли нешто што не се чисти?
Вообичаено, за колку време една соба ќе се чисти зависи пред се од нејзината големина, но и од самиот гостин. Бидејќи различни соби имаат различно ниво на тежина за чистење, секогаш постојат однапред договорени „поени“ кои собарката мора да ги собере во текот на еден работен ден. Просечното време на чистење на една соба е од триесет минути до еден час но многу зависи од тоа во каква состојба гостинот ја оставил собата пред да замине.
Еднаш годишно, голем дел од собите па и цели катови од хотелот се повлекуваат од употреба и тогаш детално се чистат и средуваат
А што се случува со предметите кои гостите поретко ги користат, како чашите од минибарот или пак далечинските управувачи? Собарките се одговорни за чистење на чашите од минибарот но со себе не носат детергент за садови па затоа чашите или ги мијат во мијалникот со шампон или, ако многу се брзаат, користат средство за полирање на мебел бидејќи тоа на чашите им остава убав сјај.
„Сте се обиделе да го исчистите домашното далечинско? Гумените копчиња премногу го отежнуваат чистењето а потопувањето со средство за чистење може да ги оштети електричните кола“ додава Томски.
Колку годишно хотелите трошат на средства за хигиена?
Се зависи од големината на хотелот и тоа колку е посетен. Според неодамнешен текст на списанието Форбс, големиот хотелски ланец Мериот за една година потрошил дури 20 милиони долари на Тан продукти, линија за природна нега на кожата.
„Вообичаено нарачките ги прави менаџерот на домаќинството кој во предвид ги зема и моменталната потрошувачка но и просечната потрошувачка по месец од минатата година.“ открива Томски. Според него, гостите повеќе трошат средства за хигиена во зима, тогаш подолго се бањаат и трошат повеќе тоалетна.
„Процесот на порачување е многу интересен бидејќи се базира на анализа на огромна количина на собрани податоци. Сепак, никој не сака да биде оној кој не порачал доволно тоалетна хартија за целиот хотел.“
Дали вработените си носат дома предмети од хотелот?
Не се измислица приказните за хотелските работници кои ги си опремиле домовите со предмети и мебел „позајмени“ од хотелите каде работат. Томски признава дека на секоја забава што ја подготвил во периодот од 2001 до 2004 година, служел хотелски чоколади наменети за оставање врз перниците на гостите.
Најголемиот дел од предметите кои се наоѓаат во хотелите или се толку користени што никој не ги сака или пак се толку скапи што никој не сака да си ја ризикува работата за да ги краде. Но, се смее Томски „имам дома лак за чевли кој не сум го платил и влечки од хотелот кои ме греат во зима.“
Една хуманитарна организација смислила многу оригинален начин како да се искористат преостанатите хотелски сапуни. „Clean The World“ добива делимично искористени сапуни од хотелите кои ги рециклира во милиони нови сапуни кои потоа ги дистрибуира на сиромашните низ светот.
Што се случува ако некој почине во хотелска соба?
Иако е морбидно да се разговара за ова, Томски признава дека овие случувања не се толку ретки како што гостите мислат. Ова се тажни ситуации кои хотелот сака да ги скрие од останатите гости и затоа им се пристапува колку што е можно подискретно. Телата на починатите ги изнесуваат болничари, најчесто преку лифтовите за вработените и потоа преку задните излези од хотелот. Откако ќе биде изнесено телото, се врши дезинфекција, собата детално се чисти и се издава на наредниот гостин. На вработените во хотелот им е забрането да издаваат било какви детали, вклучувајќи ја причината за смртта и бројот на собата.
„Смртта е дел од хотелскиот живот.“ додава Томски. Самоубијците често ги бираат хотели за таму да си го одземат животот бидејќи на тој начин ги поштедуваат блиските да треба да чистат по нив.
Дали вработените имаат пристап до сефовите на гостите?
Немаат. Сефовите во хотелите се навистина многу сигурни. Единствената личност која може да го отвори сефот, во случај гостинот да ја заборавил шифрата е менаџерот од одделот за безбедност. Тој или таа користат алатка која само тие имаат право да ја користат.
Што се случува со полуискористената тоалента хартија?
Околу ова прашање има мали недоразбирања но во основа, зависи од самиот хотел. Најголемиот дел од хотелските ланци едноставно ја оставаат тоалетната хартија, заедно со уште една неотворена ролна, во случај на гостинот брзо да му се потроши.
Во оние ситуации каде останало навистина премалку хартија, ролната најчесто завршува или во количките на собарките за да ги користат додека чистат или во тоалетите за вработените.