Одење во сон: Сè што треба да знаете за месечарењето
Ако некогаш сте се нашле во необична ситуација во која ве будат вашите родители, а вие стоите во ходникот, или работите ви се расфрлени наутро, а вие сте сигурни дека цела вечер сте спиеле, големи се шансите дека месечарите.
Месечарењето е вообичаено во детскиот период, но често пати знае да остане како еден вид навика во животот.
Што е месечарење?
Медицинскиот термин за месечарењето е сомнамбулизам, а се дефинира баш како одење додека спиете. Најчесто се јавува помеѓу 4-та и 8-та година, но може да се активира во било кој период од животот.
Најчесто се работи за наследна состојба, па ако родителите ви месечареле, големи се шансите дека вие ќе ја наследите оваа „активност.“
Месечарењето најчесто се случува час или два откако ќе заспиете, а ноќните авантури може да траат од неколку минути, па до половина час.
Со оглед на тоа дека месечарењето настанува во најдлабокиот сон, личностите во оваа фаза е прилично тешко да ги разбудите. Заради тоа, не зборувајте со лице кое месечари - не може да ве слушне, ниту разбере.
Професорот од лондонскиот центар за спиење и сон, Адријан Вилијамс, месечарењето го објаснува вака:
„Постои некој стимуланс кој го поттикнува мозокот, односно дел од него останува буден, додека другиот спие. Човекот може неочекувано да стане или седне на креветот. Може да го мачи некоја халуцинација или да се обиде да реши ситуација која го загрижува во моментот.“
Причини за месечарењето
Причините сега за сега сè уште не се познати, но се смета дека тоа е поттикнато од ненаспаност, болест, стрес, топлина или некои посериозни медицински состојби.
Како да препознаете дали месечарите?
- Имате „стаклени очи“ и цел ден се чувствувате мрзеливо и невешто
- Родителите или пријателите ве виделе дека во сред ноќ отворате ладилник или се облекувате
- Не можете да ги пронајдете обичните предмети во вашата соба затоа што несвесно сте ги преместиле преку ноќ
- Личностите кои месечарат понекогаш прават чудни работи како уринирање во гардеробер, шетаат и ги разместуваат работите, па дури и јадат
Ако имате пријател или член од семејството кој месечари, имајте на ум дека никогаш не смее да го будите, нагло да го тресете за да се разбуди или гласно да му зборувате. Најдобро е да го испратите назад во кревет насочувајќи го попатно.