Мистериозна приказна: Следните твои 3 статуси на Фејсбук ќе станат реалност
Ова е приказна од нашето секојдневие. Приказна за Стефан, но и приказна за сите зависни од Фејсбук. Иако веднаш ќе речете: „Не сум јас зависен/а“, како што ќе читате, така сè повеќе ќе се препознавате во неговиот лик.
Стефан и останатите негови пријатели и познаници често комуницираа преку Фејсбук, објавуваа фотографии, ги обележуваа местата каде што се наоѓаат...
На почетокот сето тоа се одвиваше само пред компјутер, кога не се гледаа надвор, но постепено тоа почна да се случува насекаде.
Се појавија „паметните“ телефони и наеднаш сите договори се случуваа преку Фејсбук.
Ако во моментот не е пред компјутер, ќе ја пропушти пораката и автоматски ја пропушта и средбата. Затоа мора и тој да има „паметен“ телефон.
Мора во секое време да е во тек со информациите. Којзнае што би се случило ако пропушти да види кој-што напишал или објавил.
Толку брзо се шират сите информации на Интернет, што ако за момент се исклучи од Фејсбук, му се чини дека светот и времето бавно се движат.
Постепено сите телефонски јавувања и кафиња почнаа да се намалуваат. Стефан дури и кога излегуваше надвор не го креваше погледот од телефонот. Не ги забележуваше луѓето и случувањата околу себе.
Често ќе поминеше и покрај кафулето каде сигурно може да сретне некој познаник кој можеби има нешто ново да му каже, а кое не може да го прочита на Фејсбук, но гледајќи во екранот на телефонот го одминуваше без да го забележи.
Така, постепено сè помалку почна да се гледа со пријателите и девојката, а често и со роднините, па и родителите разговараше преку Фејсбук.
Понекогаш размислуваше дека интернетот ги назадува луѓето, а понекогаш сметаше дека тоа е логичен еволутивен чекор.
Размислуваше за сите објавени статуси, фотографии, места, разговори и дали може нешто поучно да извлече од тоа, дали тоа некому може да помогне?
- Ако веќе ми го нудиш светот на дланка, барем нека биде убав за гледање. - си помисли Стефан.
Наеднаш слушна звук дека му стигна порака од Фејсбук:
- Здраво Стефан, имам понуда за тебе.
- Не сум заинтересиран - одговари тој.
- Зар не би било логично прво да ја слушнеш понудата, пред да ја одбиеш. Сепак ти, се сметаш себеси за голем хуманист. Баш сега размислуваше за тоа, светот да биде убаво место за живеење, зарем не?
- Од каде знаеш ти за што размислував? - се зачуди Стефан.
- Да речеме дека знам. Може да ти наведам уште неколку примери за да сфатиш дека сум во право, но подобро е да преминеме на главното.
- Добро, имаш 3 минути пред да те блокирам. - се согласи Стефан.
- Тоа ми е и повеќе од доволно. Бидејќи мислиш дека сите залудно пишуваат и кој-што сака може да напише, а тоа да нема никакво влијание, имаш прилика тоа да го промениш.
Следните три статуси кои ќе ги напишеш ќе станат вистинити, точно како што ќе ги објавиш, од збор до збор.
Ти бираш дали со тие статуси ќе сакаш да им помогнеш на другите, дали ќе им се одмаздиш, или ќе напишеш нешто само за себе. Дали ќе му помогнеш на семејството, ќе го излекуваш дедо ти или можеби ќе посакаш да отпатуваш некаде сам, да посетиш некој концерт или да бидеш богат.
Следните три статуси ќе станат реалност, искористи ги мудро и покажи дека си подобар од другите, кога веќе така мислиш. Пријатно.
На пат кон дома Стефан долго размислуваше што сè би можел да направи со оваа шанса. Кому би можел да помогне, кој му згрешил, кој го сака, што е правилно...
Но, како се приближуваше кон домот сфаќаше дека речиси веќе и не ги знае вистинските потреби на своите пријатели, одамна не ги посетил роднините, а кога е дома со семејството седи пред компјутер, па не знае што е потребно и што недостига.
Не можејќи да се сети на кого што му треба, но и мислата дека оваа шанса ја има само сега и треба да си ги оствари своите желби, сè повеќе размислуваше за себе.
Влезе дома, ја закачи јакната и седна пред секогаш вклучениот компјутер, па почна да пишува...
Што мислите дека напиша?
Ако вие сте Стефан, што ќе напишете? Како ќе гласат вашите следни 3 статуси, ако знаете дека набрзо ќе станат реалност?
Добро размислете и пишете ги во коментарите!
*Оваа приказна има поучна цел, а ликовите во неа се измислени. Секоја сличност е случајна.