Што потајно, тоа потрајно!
Мистериозното, скриеното, тајното е секогаш привлечно бидејќи остава простор да биде откриено. Не е голо, очигледно и е заштитено од секакви фактори кои можат да му наштетат на неговата убавина и чистота.
Што потајно, тоа потрајно.
Како вие ја толкувате поентата на овие зборови?
Иако истите се интересни поради тоа што се римуваат, зад нив лежи голема вистина која дури и вие би можеле да ја потврдите со некоја случка од вашиот живот.
Потсетете се, дали некоја работа во вашиот живот која што сте ја држеле во тајност, била потрајна од работите кои веднаш сте ги изнеле на виделина, достапни за сите и подложни на несакани ефекти кои почнале да ги уништуваат?
Без разлика дали се потсетивте на поранешна врска или нешто сосем друго, еве зошто тоа што било потајно, траело подолго во вашиот живот.
Бидејќи е повозбудливо
Секоја средба во тајната врска е повозбудлива од претходната бидејќи никој не знае за неа.
Што мислите, дали ќе се чувствувате поубаво доколку постојано се експонирате во јавност глумејќи совршен пар или доколку вашата нова врска ја чувате во тајност и себично уживате во нејзината убавина и почетничко совршенство?
Нема влијание кое би можело да ви наштети
Доколку на сите им ја раскажете новата идеја, работното место за кое планирате да аплицирате или пак да ја публицирате врската која трае само неколку недели, вие сите тие работи ги ставате под влијание на другите луѓе кои би можеле да им наштетат.
Запомнете дека не се сите личности околу вас добри и ви посакуваат среќа.
Новата идеја би можела да биде превземена, работното место веќе пополнато од страна на тој што сте му кажале дека е слободно, а врската која сте ја експонирале да стане предмет на озборување кое ќе влијае лошо врз вас и вашиот партнер.
Тоа е ваше и никој не може да ве спречи да го постигнете
Без разлика дали се работи за бившиот партнер кој се обидува да ја саботира вашата врска, љубоморното друштво кое сака да ви ги украде идеите или заштитничкото семејство кое ве попречува да направите нешто плашејќи се за вашата безбедност, доколку никој не знае тоа што го правите, не може ни да ве спречи ниту да ви го попречи патот кон неговото остварување.
Постигнете го посакуваниот резултат во тајност, а потоа успехот прославете го јавно. Само така ќе докажете дека знаете што сакате и како да го добиете истото.
Така тоа што сте го постигнале ќе трае подолго, а вие ќе бидете посреќни и посамоуверени.
Тоа е извор на самодоверба и успех!
Доколку сте одлучиле нешто да постигнете во тајност, вие сте ја пронашле формулата за успех во животот.
Не постои ништо полошо од негативните коментари на очигледниот неуспех, но исто така не постои нешто поубаво од восхитување на тајниот успех кој ќе се слуша погласно од вашите зборови.
Затоа запомнете, што потајно, тоа потрајно и поуспешно.
Бидете среќни, полни со самодоверба и успешни не дозволувајќи никој да влијае врз тоа што го правите во вашиот живот, бидејќи тој е само ваш. Другите може да се восхитуваат на вашиот успех, но не мора да ве озборуваат и да го осудуваат вашиот неуспех!
На што прво помисливте додека ги читавте овие реченици?