„12 величествени“, „М2 потрага по ѕвезда“: Гламурозни манифестации кои не постојат, а би сакале да се вратат
„М2 Потрага по ѕвезда“
Музичката продукција М2 на Дарко Димитров и Иво Јанковски го имаше еден од најуспешните музички проекти кај нас – натпреварувањето во кое се избираше ѕвезда или неколку ѕвезди одеднаш.
Младите таленти се пријавуваа на аудиција, потоа минуваа неколку кругови, за на крај, финалистите да добијат своја песна и со неа да пеат во финалето, кога публиката и жирито гласаа за најдобриот.
Иако траеше само неколку години, со овој проект се прославија некои од најпопуларните македонски музичари кои се активни и денес.
Елена Ристеска е прв победник на шоуто, а по неа победи Ламбе Алабакоски.
Кога „М2“ бараше соѕвездие, на натпреварот победија 4Play.
Но, меѓу оние кои привлекоа внимание со учеството во М2 се и Туна Сејдиу, Александра Пилева, Бојана Скендеровски, Сања Лефкова, Емил Арсов, Сара Маркоска и многу други.
„Скопски фестивал“
Еден од првите музички фестивали кај нас е Скопски фестивал кој првпат се одржал во 1968 година и продолжил до 1980.
Во ова кратко време, фестивалот бил еден од најголемите музички настани во Југославија и тука настапувале најголемите југословенски ѕвезди.
Фестивалот е возобновен во 1994 година, а музичарите на почетокот пееле придружувани од оркестарот на МРТ.
На овој гламурозен настан неколкупати се избираше и македонскиот претставник за Евровизија.
Прв македонски претставник кој се избра на фестивалот беше Владо Јаневски, кој во 1998 година победи со песната „Не зори зоро“.
И покрај огромната популарност, фестивалот последен пат се одржа во 2015 година, а тогаш победи дуото „Eye Cue“ со песната „Убава“.
А. Ј. | Црнобело