Д-р Арѓент Муча: Жените се повеќе склони кон развој на проблми со тироидната жлезда
- Детали
- петок, 19 мај 2023
Најголемата ендокрина жлезда во човечкото тело со специфичен изглед во форма на пеперутка е тироидната жлезда, сместена во долниот, преден дел на вратот. Позната е и како штитна жлезда или тироидна жлезда односно тироидеа. Оваа жлезда создава хормони и ги лачи во крвотокот, а тие директно влијаат на речиси секоја клетка во човековиот организам.
Хормони на тироидната жлезда се: Т4 (тироксин), Т3 (тријодотиронин) и калцитонин. „Хормонот на тироидната жлезда Т4 содржи 4, а Т3 содржи 3 атоми на јод, и за нивно создавање неопходен е јод од исхраната, како и ендогени соединенија како тироглобулин протеинот, тироидниот стимулирачки хормон (TSH) и ензими на тироидна пероксидаза. Тироксинот или Т4 е хормонот што го лачи тироидната жлезда во најголем обем“, ни појасни ас. д-р Арѓент Муча, директорот на ЈЗУ Универзитетска клиника за ендокринологија, дијабетес и метаболички нарушувања Скопје, истакнувајќи ја важноста на тироидеата како витална хормонална жлезда, чие значење за метаболизмот, растот и развојот на човечкото тело е огромно.
Важноста и функцијата на тироидните хормони
Тироидната жлезда помага во регулирање на многу телесни функции со постојано ослободување на стабилни количини на тироидни хормони во крвотокот, кои се неопходни за правилно функционирање на сите клетки во телото. Според ас. д-р Муча, нормалната функцијата на тироидната жлезда, односно лачење на овие хормони во стабилни количини е особено важно за:
• Правилен метаболизам - го подобруваат создавањето на топлина на телото, ја стимулираат синтезата на протеините, го стимулираат разградувањето на мастите, влијаат на нивото на шеќер, на отчукувањата на срцето.
• Придонесуваат за сексуалната функција кај двата пола и за одржувањето на бременоста.
• Ги стимулираат когнитивните процеси кај луѓето како способноста за учење и паметење, влијаат на емоциите.
• Клучни се и за развојот на нервниот систем во феталниот период.
Нарушувања на тироидната жлезда
Но, доста чести се нарушувањата на функцијата на тироидната жлезда, а тоа се случува кога има намалено или зголемено лачење на тироидните хормони. Во тој случај, тироидната жлезда се обидува да ја компензира настанатата ситуација со зголемување или намалување на својата работа. Најчестите болести на тироидната жлезда се хипертироидизам – зголемена работа поради зголемено лачење на хормони, и хипотироидизам – намалена работа поради намалено лачење на хормони.
„Хипертироидизам се јавува кога тироидните хормони се лачат повеќе“ – вели ас. д-р Муча, и додава: „Хипертироидизмот се карактеризира со симптоми како што се: губење на тежината и покрај добриот апетит, чувство на замор и слабост во мускулите, зголемено потење и зголемена чувствителност на топлина, забрзано срцебиење (тахикардија) и палпитации, како и аритмија (неправилно чукање на срцето), потоа, сувост на кожата и косата, нарушување на менструалниот циклус, несоница, анксиозност, раздразливост, емоционална напнатост и гушавост (зголемување на тироидната жлезда).
При хипертироидизам, TSH хормонот се намалува, а нивото на хормоните Т4 и Т3 се зголемува“. За хипотироидизам, д-р Арѓент Муча појаснува дека тоа е состојба при која се намалува лачењето на тироидните хормони, a симтомите се јавуваат како резултат на забавување на метаболизмот и можат да помогнат во препознавање на намалената работа на тироидната жлезда. Симтомите на кои треба да се внимава се: зголемување на телесната тежина и покрај значително намалениот апетит, замор и зголемено чувство на поспаност, зголемена чувствителност на студ, заборавеност (проблем со меморијата), промени во расположението, бавно чукање на срцето, вкочанетост, болка (слабост) во мускулите и отечени зглобови, отекување на лицето и кожата, нарушување на менструалниот циклус. „ Во случај на намалена функција на тироидната жлезда, TSH е покачен, додека T4 и T3 хормоните се намалени“- додава д-р Арѓен Муча.
Причини за нарушувања на тироидната жлезда
Како главна причина за хипотироидизам е недоволното производство на тироидни хормони од страна на тироидната жлезда. Состојби кои предизвикуваат намалено лачење на тироидните хормони,според д-р Муча се:
• хроничниот автоимун тироидитис или Хашимото-ов синдром, состојба во која се создаваат антитела на тироидна пероксидаза (TPO) и тироглобулин (Tg) кои ги напаѓаат сопствените клетки во телото.
• недоволното внесување на јод преку храната е една од најчестите можни причини за хипотироидизам. Недостатокот на јод е најчесто идентификувана причина за хипотироидизам во светот, особено во планинските области.
• дејството на одредени лекови и присуството на заразни болести, како што се: фиброзно воспаление на тироидната жлезда, хемохроматоза, склеродермија, амилоидоза, може да предизвикаат хипотироидизам.
Ретко, хипотироидизмот може да биде последица и на вроден хипотироидизам (оштетување на тироидната жлезда кај доенчиња), како и нарушување во хипофизата (кога хипофизата не го произведува хормонот TSH). А пак хипертироидизмот, како што наведува д-р Муча, е резултат на различни фактори и состојби кои доведуваат до зголемено лачење на хормони, меѓу кои се:
• автоимуната болест позната како Гравесова болест (Базедовова болест) која е најчеста причина за хипертироидизам во светот, особено кај децата и адолесцентите.
• воспаление на тироидната жлезда т.е. тироидитис (зголемена секреција на тироидните хормони).
• Пламерова болест (токсична гушавост и токсичен аденом) – нодули на тироидната жлезда кои можат да предизвикаат нејзино зголемување.
Тироидна жлезда и генетиката
Оваа година глобалната кампања за подигнување на свеста за нарушувањата на тироидната жлезда ширум светот се одвива под мотото: „Запознајте ја својата семејна здравствена историја“, со што се истакнува и воедно потврдува, дека досегашните медицински истражувања за причините за појава на нарушувања на тироидеата ја посочуваат и генетиката, поради која луѓето се соочуваат со овие состојби на нарушувања.
За ова прашање, д-р Муча вели: „Што се однесува до генетските причини за нарушувања на тироидната жлезда, тие дефинитивно постојат. Многу болести на тироидната жлезда, вклучително и хипотироидизам, се јавуваат во семејствата. Во околу 75% од случаите кај лицата со оваа болест, пациентите пријавуваат роднини од барем едната страна, на кои им е дијагностицирано нарушување на тироидната жлезда. Генетските причини за рак на тироидната жлезда се уште подобро проучени и ги претставуваат најчестите ендокрини тумори. Добро диференцираните тумори на тироидната жлезда се најчести (90-95%) и имаат одлична прогноза со примена на класични методи на лекување“.
Фактори на ризик за појава на хипертироидизам и хипотироидизам
Семејната здравствена историја се наведува како ризик фактор за појава на обете нарушувања – и кај хипертироидизмот и кај хипотироидизмот. Ова само го потврдува фактот дека знаејќи ја својата семејна здравствена историја, секој може да допринесе за навремено дијагностицирање и намалување на ризикот од појава на нарушувања на тироидната жлезда. Кај најчести фактори поврзани со појавата на зголемена активност на тироидната жлезда (хипертироидизам), д-р Муча, освен фамилијарната историја на хипертироидизам, го посочува и фактот дека жените се повеќе склони кон развој на ова нарушување, како и факторот на други хронични заболувања како дијабетес тип 1 или анемија.
А, пак во фактори поврзани со појава на намалена функција (хипотироидизам) на тироидната жлезда, повторно, покрај влијанието на генетиката, важно е и дека: „Хипотироидизмот се јавува почесто кај жените, и исто така почесто се развива кај луѓето во подоцнежните години. Може да биде предизвикан од присуство на автоимуна болест или од примање одредени терапии, како на пример, терапија со радиоактивен јод и/или зрачење. Исто така тука би ги вклучил и бременоста и операција на тироидната жлезда како можни ризик фактори“- вели д-р Муча, додавајќи дека на жените им се препорачува почеста контрола на функционирањето на тироидната жлезда, бидејќи намалената функција на тироидната жлезда може негативно да влијае на менструалниот циклус и можноста за зачнување.
Дијагноза на болест на тироидната жлезда
Поставувањето на конечната дијагноза на болеста, без разлика дали се работи за хиперактивна или недоволно активна тироидна жлезда, вклучува: преглед од лекар специјалист (ендокринолог), ултразвук на тироидната жлезда и лабораториски анализи на тироидните хормони.
Лекарскиот преглед подразбира, пред сè, земање основни податоци од пациентот (семејна историја, увид во симптомите и поплаките, физички преглед на пациентот). Физичкиот преглед обично вклучува палпација (чувство) на тироидната жлезда, така што лекарот може да утврди дали има зголемување, т.е. присуство на нодули на заштитената жлезда на пациентот. Доколку лекарот се посомнева за постоење на болест на тироидната жлезда, дополнително ќе му наложи на пациентот да ги направи потребните лабораториски анализи (тироидни хормони), како и ултразвук на тироидната жлезда.