Зад сцената на Макфест 2024 - како си поминав во Штип на дружба со пејачите и забави до зори?
Генералната проба е уште една можност за дружење со музичарите, водителите, колегите новинари.
Па седејќи во салата, гледавме како Димитар и Марјана ги вежбаат своите кореографии, како се штима тонот за секоја следна песна, добивавме некаква слика како ќе изгледа фестивалот на телевизија вечерта и какви ќе бидат настапите на ѕвездите.
Покрај Домот на културата, пак, има неколку кафулиња каде што се собираат музичарите, па најдовме убаво местенце на сонце и порачавме кафе.
Со нас седеше Димитар Андоновски, а потоа дојдоа и танчарките од „Голд Фелициа“, кои нему и на Полина Тасева им беа придружба на сцената.
Додека уживавме на сонцето, не престануваа коментарите колку е прекрасно што не врне, оти скоро секое издание на Макфест е проследено со многу студ и дожд.
Димитар замина на проба, но во тоа време дојдоа Дарио, Павле Камилоски и Полина.
Седнаа на масата со нас, па продолжија макфестовските мубети. Кога Дарио замина на проба, се појави Александрар Тарабунов со девојката.
„Дојдовме да каснеме, па да ја изгледаме пробата“, ни кажа Тара, кој годинава не пееше на фестивалот.
Не знам кој седна на масата откако си заминавме ние, ама се потврди она - никогаш не знаеш со кого ќе пиеш кафе или ќе ручаш додека си на Макфест во Штип.
Втората фестивалска вечер го „скокнавме“ црвениот тепих, па отидовме веднаш накај бекстејџот.
А таму прво ја сретнавме Елена Ристеска. Се посмеавме дека и таа и јас сме „дебитанти“ на Макфест, бидејќи таа во преку две децении кариера, првпат пееше на фестивалот, а и јас бев првпат на „целофестивалско“ дружење и работа.
Зад сцената овој пат имаше повеќе гужва. Дани Димитровска се дружеше со Дарио, Антониа Гиговска ги правеше последните подготовки пред да излезе на сцената...
Некој потпевнуваше, некој нервозно ги триеше рацете и го чекаше својот ред.
Кога се испеа последената песна, а бекстејџот полека се празнеше, сфативме дека треба да тргнеме на афтерпарти.
Последно што слушнавме беше песната на Таско и Малена од 2023, „Сафир“, која ја доби наградата за најслушана меѓу двата фестивала.
Всушност, тоа што нема награди на Макфест и што никој не е оптоварен со пласман, туку доаѓа во Штип да си промовира нова песна, му дава уште поголем шарм на фестивалот.
Ова е и можност да дојдат навистина реномирани пејачи, кои, велат, им поминало времето да се докажуваат, туку сакаат само да пеат и да се забавуваат.
А забавата почна со сечење на макфестовската торта (со фил од лешници и многу вкусна, да бидам искрена), а продолжи со настапот на Куку Леле.
Роберт Саздов и Панки ги кренаа на нозе гостите кои во цел глас ги пееја „Постела рози“, „Кучка неверна“, „Корпичка“, „Ќути живти сè“...
По нив на сцената излезе Елена Ристеска, која во ниеден момент не се штедеше и пееше дел од своите најголеми хитови.
Атмосферата се вжешти кога на сцената излезе Јован Јованов, ама со него дојдоа и Димитар Атанасовски и Таско и настана вистинска фешта.
Се пееја хитови од групата „Магија“, но и песни од Јован, а еден куп девојчиња се истуркаа пред бината за да ги гледаат, да играат и да пеат со нив.
Финалето на забавата беше со настапот на Таско и Теа Трајковска, кои оваа година заедно ја испеаја песната „Сатурн“.
Па освен макфестовскиот дует, двајцата пееја по неколку свои хитови, а публиката не сакаше да ги пушти да слезат од сцената...