Лорин во Шведска победи со плагијат, хрватските „Лет 3“ треба да се исфрлат: Најголемите фанови на Евровизија со критики за избраните песни
Фановите на Евровизија, кои религиозно го следат најголемото музичко натпреварување во Европа, не се воодушевени со дел од песните што победија на локалните избори. Откако викендов се комплетираше листата од 37 земји учеснички, фановите ги критикуваа дел од победниците, па велат дека изборот не им е по ќеф.
Меѓу песните околу кои се крена најмногу прашина е шведската победничка „Tattoo“ која ја пее Лорин.
Веднаш по нејзината победа на социјалните мрежи почнаа коментарите дека песната е плагијат на песната „V Plenu“ од 2005 година на украинската пејачка Мика Њутон.
Некои одат дотаму што велат дека победничката песна на Лорин е копија од дури три песни.
На видео што се споделува на Јутјуб, освен со песната на Мика, „Tattoo“ се споредува со уште две песни и тоа „Skyline“ на Amaranth и хитот на Адел „Easy On Me“.
Подеднакво голема прашина пред извесно време се крена и околу хрватските победници „Лет 3“ и нивната песна „Mama ŠČ!“.
Музичарите познати по екстравагантните настапи, облечени во тантела, со бомби на сцената и мустаќи како Хитлер, се меѓу најнеомилените оваа година.
Веднаш по нивната победа, револтираните фанови коментираа дека песната треба да се дисквалификува.
„Се надевам ќе освои 0 поени“, „И Хрватска конечно реши да праќа мајмуни на Евровизија“, се дел од коментарите на Твитер.
?И Хрватска конечно реши да праќа “мајмуни“ на евровизија.Добро, не заслужува евровизја подобро од ова.
— WhyNot (@Go4bed) February 12, 2023
Фановите ја исмејуваат и полската песна „Solo“ на Бланка.
„Сака да личи на Аријана Гранде. Нема душа додека пее. Сум слушнал луѓе под туш што пеат поубаво од неа. Сака да е „SloМo“ од Шанел, а всушност е SloNO“, коментираат од најпознатиот евровизиски фан-канал Wiwibloggs.
Инаку, викендов и последните земји ги избраа своите претставници и со тоа се комплетираше листата од 37 учеснички.
Организаторите освен што објавија видео со кратка рекапитулација на сите песни, открија дека дури пет изведувачи веќе пееле на Евровизија и тоа - Лорин за Шведска во 2012 година, Марко Менгони ја претставуваше Италија и во 2013 година, Иру пееше за Грузија на Детска Евровизија во 2011 година, Паша Пафени пееше за Молдавија во 2012 година и Моника Линките беше победник во Литванија и во 2015 година.
А. Ј. | Црнобело