Инспиративна жена: Зорица Црношија – дама со заразна енергија, уникатен моден стил и велосипед од 1995 година (фото)
- Детали
- среда, 28 декември 2022
„На кои животни успеси си најгорда, ме прашувате... Ќе звучи тривијално и банално, но ќе ризикувам. Најгорда сум на моите деца Мате (16) и Бела (12) и енергијата што ја вложив во нив. Тие се мои деца, а сепак се подобри луѓе од мене, а тајна на добриот брак? Немам тајни! Бракот е труд, љубовта е труд, секојдневно“, вели Зорица Црношија (46), чија насмевка е препознатлива, енергија нескротлива, а моден стил уникатен. Таа за CRNOBELO.com говори и за опсесивното чистење и за несониците и за животните радости...
Зорица Црношија (46), сопруга и мајка на две деца, познато ТВ лице, а во моментов ангажирана како маркетинг менаџер во интернационална, трговска компанија.
Жена која инспирира со енергијата, насмевката, остроумноста, но и уникатноста. Своја и препознатлива, таа е бура од емоции, бои и препознатливост.
Со неа поразговаравме за нејзините животни навики, на што е најгорда, но и што ја инспирира во животот.
Зорица Црношија споделува за CRNOBELO.com:
Колку е тешко едновремено да се биде успешна бизнис жена, но и посветена мајка? Како балансираш со обврските?
Најтешко беше во годините кога децата беа мали, а јас се дефинирав, форматирав и градев како мајка и ангажирана девојка. Страшни времиња за поединец кој цели кон перфекција на многу полиња.
Не дека и денес не сум бескрајно фрустрирана заради обемот на професионални и приватни задачи со кои секојдневно се соочувам.
Постои ли жена што не е јадосана или обесхрабрена од истото? Постои ли барем една што во моменти на малодушност заради споменатото, не е на раб на солзи?
Ако има, нека ми се јави, ја честам дупло мартини!
На кои животни успеси си најгорда?
Ќе звучи тривијално и банално, но ќе ризикувам. Секој што ме познава знае колку енергија, љубов, време, посветеност, трпение, лојалност и што ли уште не имам вложено во децата.
И иако ми е јасно дека тие се родени како индивидуи, свои луѓе, имаат своја приказна и своја мисија, јас сепак најмногу се гордеам со нив.
Се гордеам што се мали, а артикулирани. Деца, а сепак исклучително чулни и сензитивни. Тинејџери, а стабилни, успешни и со интегритет.
Мои деца, а сепак подобри луѓе од мене. Горда сум на моите Мате (16) и Бела (12).
Кој ти е омилен тип на релаксација?
Книга, вино, пеглање, педикир, маникир и чистење. Секоја вечер по нешто од тоа.
Дали навистина си педантерија и чистењето ти е издувен вентил?
Педантерија, дезинфекциски фанатик, човек со ирационални и неразумни ритуали кон домот. Со еден збор јас сум она што во медицината го дефинираат како „граничен случај“.
И во обид да го намалам стресот и анксиозноста, дополнително го зголемувам. Маѓепсан круг.
Возење велосипед, прошетки, викендичката во Дојран... Што ти ги полни најмногу батериите?
Ете токму сето набројано, во различни емотивни состојби и во различни периоди од годината, сите нешта знаат да се прекрасни, волшебни и лековити.
Имаш специфичен моден стил во кој има многу бои и модни детали? Твоите стајлинзи како да зрачат ведрина... Се облекуваш ли според расположението?
Јас не купувам, ниту се облекувам по прирачник и имам многу кревко базично познавање на модата.
Единствено на што се потпирам е моето интимно чувство за тоа како сакам да изгледа она што го носам однатре.
По природа сум човек со слободен дух и приемчивост кон нови стилови, а сакам уникатни и автентични парчиња облека, стајлинг што е адаптабилен на различни пригоди во текот на денот.
Постојано сум во потрага по нови модни искуства, а мојот фокус е на актуелни, забавни и возбудливи модни примероци што се репрезент на денешното време, уличната мода, што ќе го смират или возбудат стајлингот, ќе придонесат кон некаква рамнотежа или хармонија, ќе поддржат некаква моја акутна потреба, но крајниот производ нема да го направат здодевен.